Како го запознав. На кое друго место, ако не во Охрид, преку лето. Во Скопје почнаа жештините, не се издржуваше. Главата ми пукаше од премногу работа. Во четврток се слушнавме со Марија. Исто така и таа сакаше малку да здивне за викенд. Решивме во петок, по работа, со нејзиниот автомобил директно да одиме во Охрид. Сакавме само да одмориме, без да одиме на плажи, а уште помалку по кафулиња и дискотеки.

Апартман најдовме подалеку од центарот. Долгото туширање и погледот кон езерото од апартманот под Самуиловата тврдина беа како измислени за еден релаксиран викенд. Но, да знаев што ме чека таму долу, во градот, воопшто немаше да излезам од дома тоа утро.

Вечерта, како за разонода се спуштивме кон чаршијата. Таму вообичаено за летна сезона. Метеж, дотерани, исончани. Некои со деца, некои парови, а некои тргнати во брз „лов“ за да си го пополнат времето со летна авантура.

Тогаш немав момче. Со Боби прекинавме пролетта и веќе почнав да го заборавам. Марија веќе беше свршена со Маријан, па ми беше некако утеха дека ќе имаме мирен викенд, без нашите „лудувања“ во кои не знаевме што е ден, што е ноќ.

Седнавме во кафулето до езерото. Искористивме малку шарм, па келнерот веднаш ни најде маса, малку издвоена од другите, токму како што сакавме - да уживаме без да мораме да сретнуваме познајници, а уште помалку „добронамерни“ незнајници.

Со Марија секогаш бевме отворени и постојано имавме за што да зборуваме. Ѝ се смеев за Маријан, дека е нејзина копија, само што си додал едно Н на крајот од името. Таа, пак, знаеше остро да ми врати: - Стара мома! Никој, никому не се лутеше.

Во таков тон ни продолжи разговорот, без да бидеме свесни дека некој отстрана го гледа нашиот мал остров во кој си бевме како затворени. Не знаел како да ни пристапи, па ја искористи старата финта - го прати келнерот да ни донесе две нови пијачки.

Од учтивост, ги прифативме. Но, тој таа вечер тргнал во лов и не се откажуваше од намерата да ни се доближи. Само не знаевме на која се настрвил. Од шанкот, каде што стоеше, подигна чаша да ни наздрави. Од слабото светло не можев да го видам како изгледа, но кај мене почна да се јавува некој немир. Знаев дека кога-тогаш ќе дојде.

Не помина многу време и ете го - застанат над нас двете. Среден, дотеран, уреден, избричен, а што ѝ требаше на таа месечина баш тогаш да го осветли. „Какво тело“, помислив и ме полазија морници.

Се прекорив од самата помисла. Не сакав никакви авантури тој викенд, но нешто не ми даваше да бидам типична „дигната“ скопјанка. За чудо, прва му реков: - Седни, придружи ни се. Марија ме погледна како да ќе ми влепи една преку лице. Ѝ вратив со поглед и само низ мислите ѝ одговорив: „Извини, Марија, ми се допаѓа“.

Шармантен, со убава насмевка, неверојатна смисла за хумор, пријателски настроен. Таков беше од почеток. Како да се знаеме со години со Петар, така се вика. За кратко време заборавив на Марија. Се свртев кон него и речиси и не престанавме да зборуваме. Во еден миг само забележав како мојата другарка станува, ме поздрави и замина во апартманот. Не беше многу среќна за мојот нов познајник.

Останав со него. Кафулето затвори и повеќе од јасно ни беше дека уште ни е рано да си одиме. Заминавме во еден од клубовите во близина. Од гласна музика не можевме да се чуеме, но не ни пречеше.

Малку по малку климавите движења во ритамот на музиката ги претворивме во танц во кој бевме сè поблиску еден до друг. Ух, мислам дека ќе пукнев од возбуда. Или ми беше навистина убаво или, пак, алкохолот веќе почна да дејствува - опуштеноста по која дојдов почнав брзо да ја чувствувам. Одевме од клуб во клуб, нагоре-надолу и којзнае како се најдовме кај Канео.

Како да знаел дека го обожавам тоа место. Седнавме на една од клупите. Веќе беше доцна и немаше никој. Тогаш беше моментот. Ме бакна, прво нежно, но како да чекал и тој цела вечер и почна страсно да ме бакнува. Му возвратив со иста мера. Го прегрнував, го бакнував, како да се изгубив за миг.

Страста толку нè совлада, што рацете почнаа да ни „шетаат“ по забранетите подрачја. Заборавивме дека се наоѓаме во близина на црква и не престанавме. Не требаше таму да го направиме ТОА таа вечер. Од тој миг, па натаму како да бевме жигосани.

Викендот го поминав со него, на Марија речиси ѝ заборавив. Таа не покажуваше, но беше јасно дека ми се лути. Марија како да знаеше дека има нешто што не е во ред со „идеалниот“ шармантен Петар. Дојде недела и таа си замина. Зедов слободни денови и останав со него уште цела седмица. Тие денови уште ги паметам. Како да бевме двајца тинејџери што ја откриле љубовта... или, пак, тоа само јас си го замислував.

Тогаш не водев сметка за повремените разговори што ги правеше на телефон од терасата, што одеше до продавница во ниедно време, што се правдаше дека е волк самотник кога ќе го прашав каде му се пријателите.

По една недела заминавме - и тој живееше во Скопје. На враќање, како што се доближувавме до градот, како да стануваше сè потивок. Ме однесе до дома во Аеродром, ме бакна страсно и си замина.

Продолжува на наредната страна.......