Исповед на една мајка по првиот родителски состанок: Понекогаш родителите се невозможни!

Дојде и тој ден – бев повикана на родителски состанок. Иако моето дете оди во градинка и има само две години, јас сепак сериозно ја сфатив целата работа.

Дојдов десет минути порано, а таму само воспитувачките кои седат и чекаат... Почнавме да зборуваме, а тие со нетрпение ги чекаат и другите. Во моментот кога помислив дека ќе бидам единствената на состанокот, се појави група на растрчани мајки...

Едната од воспитувачките рече: „Ајде да почнеме“ и тогаш во просторијата влетаа уште 4 мажи – татковците на децата.

За време на состанокот, постојано доаѓаа родители и поголемиот дел од нив не се ни потрудија да се извинат за доцнењето. На воспитувачките им беше навистина непријатно, а по воведниот дел, родителите започнаа еден вид тивка војна. 

Одеднаш почна расправа и околу музичкиот систем. Звучи смешно, но навистина е така. Воспитувачките наведоа дека имаат проблем со нивниот систем и дека децата не можат да слушаат песни, а „сите знаеме колку сакаат да слушаат песнички.“

Тогаш еден татко рече: „Тоа не е проблем, ние ќе го купиме!“, очигледно мислејќи на сите нас. Потоа некој кажа дека мора да видиме колку тоа чини, па да се соберат пари, итн.

Потоа се јави еден друг татко и рече дека сме морале да направиме група на Вибер за да се договориме. Иако сите се колебаа, таткото продолжи: „Група на Вибер е ептен добра работа, супер функционира, дајте ми ги броевите, па ќе направам група.“

Сите замолчевме. Никој не сака отворено да каже дека не сака група на Вибер. Таткото не го приметува тоа па продолжи да зборува како мораме сите да дадеме 500 денари и одма да го купиме тој музички систем и да го решиме проблемот. 

И тогаш... од последните редови се слушна еден глас:

„Мене баш сега ме сретна еден сосед и ме праша да му позајмам пари. Јас му кажувам дека немам, а тој ми вели: „Како соседу, зарем немаш ни 500 денари?“ Не, немам 500 денари. Пријателе, некој од нас нема ни 500 денари, а јас немам ни мобилен за тој Вибер. Но, имам стар музички систем кој не го користам, па ќе го донесам утре и децата ќе можат да слушаат музика.“

Тоа беше еден од другите татковци.

Во тој момент ми дојде да станам и да почнам да аплаудирам.

Таткото што се наметнуваше одеднаш се повлече, веројатно сфати дека беше премногу нападен. Воспитувачките воздивнаа, расправата заврши, проблемот беше решен.

Тргнав кон мојот дом, но во устата ми остана горчлив вкус. Иако сме родители, сепак некогаш сме како недораснати тинејџери. 

Некои одбиваат да пораснат, да ги променат навиките, да дојдат на време, да кажат „Добар ден“, да се извинат кога ќе задоцнат, да ги почитуваат воспитувачките и институцијата во која се наоѓа, да се спуштат на земја и да сфатат дека сите луѓе не можат да си дозволат се и дека некои се откажуваат од леб само за да го пратат детето во градинка...

Понекогаш родителите се навистина чудни!