Исплатлива овошка за одгледување- богат род и неограничен пласман

Богат род, неограничен пласман, високи откупни цени и европска заработка го прават одгледувањето на малини исплатлив агробизнис.

Во однос на еколошките услови малината е доста специфична култура и поради тоа пред да се одлучи да се подигне насад потребо е да се анализираат еколошките услови кои во голема мера го детерминираат успехот на насадите. Најдобри локации за насади од малина се во зоната на буката, на ридско планинските предели и на надморска висина од 300 до 1000м.

За успешно одгледување на насадите од исклучително значење се почвените услови на локацијата. Оваа култура најдобри резултати дава на длабоки, растресити, пропустливи, слабо кисели почви со pH 5.5 до 6.5, и почвите со содржина на хумус од 3 до 5%. Малините особено лошо реагираат на плитки, лесни, суви, варовити, каменливи, многу кисели, алкални, тешки и мочурливи почви.

Најдобри услови за малината се реоните со умерено-континентална клима, во умерено влажни и умерено топли подрачја без големи осцилации на температурата. Од климатските елементи од посебно значење се светлина, топлина, врнежи и ветар. Малините не поднесуваат засенчени места, но неподнесуваат ниту места изложени на многу сонце. Во текот на зимата изданоците од малина измрзнуваат на температура испод -18°C, а особено ако вакви ниски температури се јавуваат на голомразица. Малините не поднесуваат сушни услови. Тие добро успеваат во реони со годишни врнежи од 700 до 1000 мм, од кои половина да се во период на вегетација. Доколку нема доволно врнежи во насадите треба да се обезбеди наводнување. Малините исто така не поднесуваат многу ветровити локации.

Кај нас ридестите и планински предели нудат огромен неискористен потенцијал за одгледување малини.

За подигнување на 1 хектар потребно се околу 5.000 евра. Во овие пари влегуваат 10.000 садници и се што е потребно за насадот со малини од систем капака по капка, шпалир, колци до подготвување на почвата. За пристојна егзистенција доволни се 5 декари, а целата инвестиција се враќа во четвртата.

Во светот постојат повеќе од 1200 сорти малини. Постојат сорти со црвено, жолто и црно обоени плодови. Исто така постојат сорти кои раѓаат еднаш во годината (еднородни сорти) и сорти кои раѓаат двапати годишно (двородни сорти). Во производството најмногу се одгледуваат сорти со црвено обоени плодови. Поважни еднородни сорти со црвено обоени плодови се: виламет, микер, градина малинк експлоид, скина и други. Од двородните сорти поголемо значење имаат сортите: heritage, september, autumn bliss, љуљин и други.

Доколку планиравте да започнете сопствен бизнис идеја веќе имате, а доколку сте регистриран земјоделец може да аплицирате и за субвенции од државата кои се однесуваат на овошни и лозови насади.