Претставата „Силјан Штркот шанца“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Срѓан Јаниќијевиќ премиерно беше вчера изведена на малата сцена во Македонскиот народен театар. Со оваа претстава МНТ воведува лектирен театар со мото „Театар за секое дете“. Но, иако е работена по мотиви од лектира за основно образование („Силјан Штркот“ на Марко Цепенков), најавена е како претстава и за возрасни, не само за деца и младинци.
Шарената и бајковит сценографија и костимографија на Илина Ангеловска одлично го визуелизира текстот на Дуковски, а режисерските решенија на Јаниќијевиќ ја прават претставата привлечна од почеток до крај.
Режисерот Јаниќијевиќ на прес-конференција рече дека текстот на Дуковски постојано го имал во глава, уште од праизведбата во 1991 година од српскиот режисер Драгољуб Тодоровиќ кому тој тогаш му бил асистент.
– Затоа што ми е многу важен и, би рекол, донекаде е автобиографски. Затоа што „Силјан Штркот“ е македонска верзија на „Петар Пан“. Има многу конотации коишто мене многу ми значат, рече Јаниќијевиќ, задоволен од процесот на подготовката и од соработката со актерите поради што, како што рече, направил претстава на синергија.
Режисерот го појасни и зборот шанца, кој авторот Дуковски во својот текст го додал на оригиналниот наслов на познатата македонска приказна: – Шанца на штрковски значи танцува. Силјан Штркот танцува – тоа е преводот, додаде Јаниќијевиќ.
Насловниот лик го толкува Александар Михајловски кој првпат игра главна, како што рече, голема улога. – Светот на Силјан е магичен, волшебен, прекрасен, но и многу суров. Мислам дека е многу сличен на светот во кој живееме денес – прекрасен свет кој знае да биде и многу суров, рече Михајловски на прес-конференцијата по повод премиерата.
Вечер „СИЛЈАН ШТРКОТ ШАНЦА“ прва реприза/20:00