Викенд плус сонце, одлична комбинација за една прошетка. А ние како предлог ви го даваме Марков манастир. Место каде можете да се опуштите, да уживате и да се релаксирате.

На 20 км од Скопје се наоѓа оваа прекрасна убавина. Марков Манастир е македонски православен манастир кој се наоѓа јужно од селото Маркова Сушица, по долината на Маркова Река на нејзиниот лев брег.

Посетителите не можат, а да не почувствуваат душевен мир во дворот на манастирот, како и да останат рамнодушни на старата градба што датира од 14 век, каде што се сместени повеќе од 18 конаци.

Пред да се изгради манастирот на овој простор во 1345 година, од творци чии имиња не и` се познати на историјата, била изградена црквата Свети Димитрија.

Нејзината обнова започнала во 1366 година од страна на кралот Волкашин, а била завршена во времето на неговиот син Крале Марко во 1371 година, по што и го добила името Марков манастир.

Манастирот е богат со фрески во византиски стил што датираат од овој период, а негови автори се две групи зографи. Едната група мајстори работела во времето на Волкашин, а другата во времето на Крале Марко. Вештите зографи ги создале композициите на северниот ѕид на црквата и на фасадата на јужниот дел. Првата група автори ја употребува црвената и модрата боја, додека кај втората преовладува окерот и модрилото. Токму оваа група автори особено внимавале при цртањето на изразите на лицата и со тоа успеале да го прикажат внатрешниот живот на светците што живеат во црковните фрески.

На фрескоживописот е насликан целокупниот библиски живот од Христовото раѓање, сe` до неговото страдање, распетие и воскресение. На фреските ги има ликовите на света Богородица, свети Димитрија и свети Никола. Иконостасот на Црквата е оригинален, направен е од камен, а особено интересен за посетителите е подниот мозаик.

На влезот од јужната страна на црквата се поставени три фрески и тоа на Волка- шин, свети Димитрија и Крале Марко.

Според објаснувањето на една тивка монахиња од Марковиот манастир, припратата на манастирот е стара повеќе од 200 години, а е изградена од турски паша.

Приказната вели дека пашата прво сакал да ја урне црквата, но во меѓувреме многу се разболел и дури не ја повлекол наредбата за уривање на црковниот објект бил неподвижен и врзан за кревет. Во тој момент тој ја видел божјата сила, поверувал во голем божји страв и не само што не ја урнал Црквата, туку го доградил и предниот дел. Конзерваторските работи на фрескоживописот во овој манастир од страна на Републич киот завод за заштита на спомениците почнале во 1963 година, а потоа продол- жиле во 1968 и 1970 година. Последните конзервирања се извршени во 1996 година.