Исчистете си ги оџаците пред да започне грејната сезона, за да не дојде до пожар

Грејната сезона набргу ќе започне, а надлежните апелираат да се заштитите од несакани последици. Особено да внимаваат оние кои планираат оваа зима да се греат на дрва. Оџаците нека ви бидат исчистени пред да започне сезоната.

Редовно да се чистат оџаците, да се постави заштита од негорив материјал пред ложиштето на огнот, а за потпалување или разгорување на огнот да не се користи запалива течност. Запаливите предмети треба да бидат подалеку од изворот на топлина и мора да има постојан надзор и контрола над ложиштето.

Запалениот оџак не смее да се гасне со вода, а пепелта и другите остатоци од огнот да се исфрлаат на безбедно место.

На децата мора да им се предочи опасноста од игра со запалка, жар и оган.

Слични мерки на претпазливост треба да се преземат и доколку греењето во домовите е на електрична енергија, термопечки, греалки и слично, односно доколку граѓаните ги затоплуваат своите домови на гас пропан-бутан, метан или на течни горива.

За да се заштитат од пожари граѓаните треба да вршат редовна проверка на исправноста на електричната инсталација, проверка на апаратите за домаќинство, редовно да се проветруваат и чистат оџаците и димоводите од саѓи и внимателно да се користи плинот и плинските апарати со цел да не дојде до истекување на плинот во затворен простор. Мирис на гас во домот претставува опасност од експлозија. Во ваква ситуација: се затвора и отстранува истекувањето на гасот, се проветруваат просториите, не смее да се користат запалки, вклучуваат електрични апарати, светилки или апарат кој искри.