Исчистени 30 километри од каналската мрежа во Општина Илинден

Општина Илинден во координација со Водостопанство „Скопско Поле” и ЈКП „Илинден” од почетокот на годината досега извршила машинско и рачно чистење на вкупно 30 километри од каналската мрежа што се наоѓа на нејзина територија.

- За да може системот за зафаќање и одведување на атмосферските води нормално да ја исполнува својата функција, со цел да се намали нивото на подземните води на подрачјето, редовното и континуирано чистење и одржување на каналската мрежа со запазување на профилите на каналите и нивалацијата на теренот останува во врвот на приоритетите на Општина Илинден, се посочува во денешното соопштение од оваа општина.

Поради рамничарскиот терен на кој што се наоѓа Општина Илинден, посочуваат оттаму, доаѓа до постојано покачување на нивото на подземните води, па затоа со редовното одржување на главните, секундарните и терцијалните одводни канали се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина, која е еден од условите за квалитетен живот на населението.

Во рамките на реализацијата на Акцискиот план за чистење на каналската мрежа во изминатиот период беше извршено машинско чистење на Главен канал-Горна зона низ населените места  Марино, Кадино и Мралино, во должина од 3.500 метри. Извршено е машинско и рачно чистење на Сува Река во н.м. Миладиновци, во должина од 2.600 метри и машинско и рачно чистење на секундарен канал Азмак во н.м. Марино во должина од 2.000 метри.

Во тек е чистење на сисавец Топлик во населба Илинден во должина од 1.600 метри и терцијален канал во должина од 400 метри.