„Исцелител“ на најголемиот филмски фестивал во Норвешка

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е селектиран да се прикажува на интернационалниот филмски фестивал во Тромсо, кој е најголем во Норвешка. Премиерното прикажување ќе биде денеска, а филмот ќе има уште две проекции во текот на фестивалот.

- „Исцелител“ ќе биде прикажан во престижната програма „Хоризонти“ во која се избрани филмови од различни жанрови и стилови од целиот свет и во која единствен критериум е квалитетот. Во оваа програма се прикажуваат најзначајните кинематографски остварувања од минатата година, соопшти продукцијата „Фрагмент филм“.

Ова е 27-мо издание на фестивалот во Тромсо, кој со 60 000 посeтители е најголемиот и најпосетуван филмски фестивал во Норвешка.

На новогодишната ноќ „Исцелител“ беше премиерно емитуван на Синемакс 2, канал на ХБО во 14 земји од Централна Европа.