Интервју со првиот човек на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој: 2019 година ја завршуваме со одлични бројки, а следната ќе биде година на нови инвестиции

Роден во Ајдин, Соке - град кој е лоциран во југозападникот на Турција, во Скопје живее десет години, а веќе трета година ја извршува позицијата Генерален директор на ТАВ Македонија. Малкумина знаат дека по потекло е токму од овој регион, неговата баба е родена во Демир Хисар, а дедо му во Кукуш, Грција.

Во изминатиот период скопскиот и охридскиот аеродром постојано постигнуваат нови рекорди. 2019 година ја завршуваат со одлични бројки, а за следната година најавуваат низа новини во работењето. За сите овие работи во денешното ексклузивно интервју разговараме со првиот човек на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

Кој е Алпер Ерсој приватно?

Ерсој: Роден сум во Ајдин, Соке, град лоциран во југозападниот дел на Турција. Мајка ми беше учителка, а татко ми воен офицер. Иако сум роден во Ајдин, пораснав во Истанбул до 2005 година, кога добив понуда од мојата компанија ТАВ да се преселам во Грузија за да бидам директор на аеродромот во Тбилиси. Оттогаш работам во странство и последните 10 години сум во овој прекрасен град Скопје.

Во ТАВ почнав да работам на 1-ви декември 1999 година како дежурен агент на терминалот на аеродромот Ататурк во Истанбул. Потоа бев назначен за дежурен менаџер на терминалот на аеродромот во Истанбул, а потоа директор и заменик генерален директор на Меѓународниот аеродром во Тбилиси, Грузија. Од јануари 2017 година работам како Генерален директор на ТАВ Македонија.

Оженет сум и имам два сина, на возраст од седум и 12 години. Моето семејство живее овде со мене. Сите сакаме да живееме во Македонија. Вториот син ми е роден во Скопје. И двајцата се воспитани и образовани во овој град. Иако имам набиен работен распоред, уживам во секојдневието во Скопје. Моите корени се од овој регион - таткото на баба ми е од Демир Хисар, Македонија, а таткото на мојот дедо е од Кукуш, Грција. Мислам дека ова е уште една причина зошто секогаш се чувствувам како да сум дома од првиот ден кога се преселив овде.

Веќе подолго време живеете во Скопје, како го доживувате главниот град од ваша перспектива / гледна точка?

Ерсој: Живеам во Скопје повеќе од 10 години, од 2008 година. Скопје е жив град кој има своја душа, боја и култура. Луѓето се добри и гостопримливи. Иако Скопје е бучно во неговите градски делови, тоа е опкружено со многу места за релаксација за време на викендите и уживање во активности на отворено. Можеби за локалното население овде станува сè повеќе и повеќе натрупано и стресно, но за мене, како некој кој пораснал во Истанбул, Скопје е сè уште опуштен град кој нуди речиси сè што барам. Уживам во Скопје, и бидејќи живеам овде со семејството, градот стана мојот втор дом.

Скопскиот аеродром постојано руши рекорди, последните податоци покажуваат континуирано зголемување на бројот на патници на скопскиот аеродром. Како ја коментирате / интерпретирате оваа тенденција? И колку сте задоволни со овие бројки?

Ерсој: Навистина, не само скопскиот, туку и скопскиот и охридскиот аеродром постојано постигнуваат нови рекорди. Само во ноември 2019 година, имавме извонреден пораст од 240% на бројот на патници на аеродромот во Охрид, додека на скопскиот аеродром солиден двоцифрен раст од 15,2%. Само на скопскиот аеродром, од јануари до ноември  опслуживме 2,2 милиони патници, што е годишен пораст од 9,3%, додека на двата аеродрома, во целиот период од првите 11 месеци од 2019 година, имаме 2,5 милиони патници. Многу сме задоволни со бројките на воздушниот сообраќај кои се резултат на добрата соработка што ја имаме со Владата, како и со сите чинители во авијацијата – Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, Полицијата, Царината и сите авиокомпании како наши клиенти. Ќе продолжиме да работиме заеднички за проширување на мрежата на дестинации, како и за подобрување на нашите услуги.

На почетокот на оваа година ја добивте наградата ASQ за 2018 година за квалитетот на аеродромските услуги, што значи оваа награда за вас?

Ерсој: Наградата ASQ (Airport Service Quality) го рангира Меѓународниот Аеродром Скопје   како еден од најдобрите аеродроми во Европа за 2018 година, во својата големина, во однос на квалитетот на услугите што им се нудат на патниците додека се на аеродромот. Наградата ASQ се доделува според мислењата на нашите патници, бидејќи Airports Council International (Меѓународниот Совет на Аеродроми) ги рангира аеродромите врз основа на резултатите од ASQ-анкетата направена на патниците, додека тие се на нашиот аеродром. Ова е четврти пат како ја добиваме оваа награда за скопскиот аеродром и навистина ја докажува нашата посветеност за постојан раст и подобрување во областите каде идентификуваме потреба од повисок квалитет на услугите. Со помош на споменатата анкета за патници ASQ, практично го слушаме гласот на нашите патници и работиме на подобро задоволување на нивните потреби и очекувања.

Кои се стратешките планови и очекувања за крајот на годината и за наредната година?

Ерсој: Оваа, 2019 година ја завршуваме со одлични бројки во авиосообраќајот, кои се над проекциите. Очекуваме да ја завршиме со слично двоцифрено темпо на пораст како во периодот јануари-ноември 2019 година. Следната 2020 година ќе биде година на дополнителни инвестиции на скопскиот и охридскиот аеродром, со цел да се справиме со порастот на воздушниот сообраќај и потребите на нашите патници.

Во однос на услугите, планирате ли да воведете нови можности / карактеристики што ќе го подобрат корисничкото искуство на патниците?

Ерсој: Една од новите работи што ќе бидат отворени на аеродромот во Скопје е просторијата за пушење, која ќе се воведе во делот на Заминувања, по Пасошката контрола, во близина на Излезите. Ја отвораме оваа можност за нашите патници, бидејќи тоа е едно од најчестите барања од нив, добиено преку различни канали за мерење на задоволството на патниците. Друга работа што веќе ја подобривме оваа година, со поддршка на Град Скопје, е Wi-Fi услугата на скопскиот аеродром. Многу бргу по промената, почнавме да добиваме позитивни коментари од нашите патници. Некои од новините кои се веќе воведени се и полначите за мобилни уреди, во близина на Излезите, за кои веруваме дека подобро ќе им служат на нашите патници, со цел тие да можат да останат поврзани со своето семејство и пријателите, додека се на аеродромот во Скопје. Од неодамна, инсталиравме е-порти, кои се наоѓаат во зоната на претходна контрола на бординг. Ова значи дека патниците со рачен багаж, кои направиле онлајн регистрација пред да дојдат на аеродромот, ќе можат директно да одат на Пасошка контрола, откако претходно самите ќе направат скенирање на авионските карти. Сепак, заради регулативите на ЕУ, државјани на земји кои не се членки на ЕУ, а кои патуваат во некои земји од ЕУ,  треба да се појават на шалтерите за регистрација.

Преку нашето одделение за односи со клиенти, постојано собираме мислења и предлози од патниците, користејќи ги сите различни канали, како што се: формуларите за задоволство на патниците во хартиена форма, ASQ-анкетите, пораките и дискусиите на социјалните мрежи. Ги користиме сите податоци, за да креираме иновативни решенија и разновидни услуги, затоа што една од нашите главни цели е да имаме среќни и задоволни патници.

Кои се следните рути и дестинации што може да ги очекуваат патниците?

Ерсој: Во моментов немаме конкретни најави од авиокомпаниите за нови дестинации кои ќе почнат во 2020 година. Но, секогаш сме во разговори и преговори со авиокомпаниите и тур-операторите, за проширување на нашата мрежа на дестинации од аеродромите во Скопје и во Охрид. За жал, 2019 година не е добра година за авиоиндустријата. Оваа година многу авиокомпании, ширум светот, банкротираа. Затоа, авиокомпаниите конзервативно пристапуваат кон новите пазари. Се надеваме дека ваквата турбулентна состојба ќе заврши многу брзо.

 Кој е профилот на идеалниот македонски патник?

Ерсој: Не постои „идеален профил на патници“ во авијацијата бидејќи секој патник е важен за нас. Со сите патници се однесуваме подеднакво, со почит, љубезност и подготвеност да им помогнеме во секоја ситуација, затоа што сме свесни дека патувањето со авион може да предизвика непотребен стрес, понекогаш заради многуте процедури што треба да се направат на аеродромот, понекогаш затоа што патниците немаат првични информации пред нивното пристигнување на аеродромот. Затоа, се обидуваме да им помогнеме најдобро што можеме, обезбедувајќи ги нашите услуги и објаснувајќи ги правилата и прописите во воздухопловството.

Аеродромите во Македонија, се порта преку која секој ден бројни Македонци заминуваат во странство, а многу од нив заминуваат засекогаш. Како го гледате / доживеете овој момент?

Ерсој: Аеродромите се портата на земјата, не само за Македонците кои патуваат во странство заради различни причини, туку и за странците кои за прв пат влегуваат во земјава. Поради тоа, важно е, какво искуство ќе создадеме за сите наши патници, бидејќи не постои втора шанса за првиот впечаток. Затоа, како аеродромски оператор, заедно со сите чинители на аеродромот - Полицијата и Царината, се обидуваме да го подобриме целокупното задоволство на патниците од аеродромските услуги.

Имиграцијата е процес што постои во секоја земја и од тој аспект Македонија не е исклучок. Од друга страна, тоа е важно прашање не само за властите, туку и за од бизнис-заедницата. Како странски инвеститор во земјава, ТАВ Аеродроми вработува околу 1.000 луѓе, а дополнително овозможуваме работа за многу локални компании, како наши добавувачи. Сето ова е важна поддршка за вкупната национална економија, во смисла на превенирање/намалување на економската имиграција.

Политиката и изборите, за жал, се секојдневна тема во нашето општество. Како нестабилната политичка состојба влијае врз бизнисот?

Ерсој: Навистина, ваквата е ситуацијата речиси насекаде, не само во Македонија. Ние секогаш потенцираме дека аеродромите се местата каде луѓето добиваат прв и последен впечаток за земјата, но и бројките на аеродромите се важни показатели за економијата на земјата. Ако ги погледнете нашите бројки на патници и летови на двата аеродрома, забележувате дека има постојан пораст со години. Владите се менуваат, но заложбата на државата да го развие авијацискиот пазар останува иста, и тоа е најважната работа за нас.

Вие се сметате за добар менаџер за кого вработените имаат многу позитивни коментари. Ако треба да ги советувате паметните македонски умови во неколку реченици, што би им рекле?

Ерсој: Благодарам за љубезните зборови. Драго ми е што имам среќни колеги околу мене. Менаџерскиот тим на ТАВ Македонија навистина се обидува да ги мотивира и развие  своите вработени, со цел да создаде задоволни индивидуалци - кои ќе работат да ги исполнат своите цели во кариерата и ќе учествуваат во среќни тимови, со цел подобро да придонесат за целите на компанијата, како и за општеството во целина. Би го советувал секој да ги пронајде своите таленти, да ги развие, и да ја зграби секоја можност за да ги искористи, за да биде среќен додека ја работи работата од своите соништа. Последно, но не и најмалку важно, постојано бидете искрени и напорно работете.

Конечно, има ли некој посебен (емотивен) момент (кој било интересен настан или случка) од вашата работа во Македонија што ви е драго да се сеќавате?

Ерсој: Секогаш ќе се сеќавам на три важни настани - денот на отворање на новата терминална зграда на скопскиот аеродром во 2011 година; датумот кога го поздравивме 2-милионитиот патник за една година, и последниот настан се реализира пред некој ден, на крајот на оваа 2019 година, кога достигнавме 300.000 патници на охридскиот аеродром. Ова се навистина важни достигнувања што ги постигнавме сите заедно. Како и да е, има уште една прилика каде што се чувствував горд на мојот тим и оваа земја, а тоа е кога оваа година ја примив  ASQ - наградата за квалитет на аеродромските услуги за Меѓународниот Аеродром Скопје, од Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI), по четврти пат.