Интервјуа
15. November 2016 - 16:28

Интервју со Игор Јанушев: „Скопска“ ќе го реши проблемот со бркотниците на автобусите

Во интервју за Скопје Инфо разговораме со првиот човек на Јавното сообраќајно претпријатие од Скопје. Зборуваме за актуелните прашања поврзани со градскиот превоз.

Скопје Инфо:  Постојат два типови на електронски картичи „СКОПСКА“, персонализирани и неперсонализирани. Од 01.01.2017 година електронскиот систем на наплата ќе се воведе и во приватните автобуси. Која е постапката на нивно издавање и на кои места може да се надополнат електронските картички?

И. Јанушев: Електронските картички, вклучувајќи ги во целосниот систем за електронска наплата, ЈСП СКОПЈЕ ги воведе уште од месец август 2015 година. Први картички кои беа издадени беа за лицата од возрасната група на граѓани (над 64/62 години), на кои им беше впишуван соодветниот бесплатен билет. Ова се првите персонализирани картички кои претпријатието ги издаде, а потоа следуваа ученичките и студентските. Почнувајќи од јануари 2016 година, за првпат беа пуштени во продажба и неперсонализираните картички.

ЈСП СКОПЈЕ во својата продажна мрежа има 8 Центри за персонализација, каде што се изработуваат персонализираните картички. Со потребните документи, корисникот доаѓа во еден од овие центри, каде што нашите вработени ги земаат потребните податоци и го сликаат, при што картичката е готова за неколку минути.

Во другиот дел од прашањето, сакам да наведам дека приклучувањето на приватните превозници ќе биде од огромно значење за јавниот превоз во Скопје, пред се заради единствениот возен ред, распределбата на линиите и секако подобрување на квалитетот на превозот. Се надеваме на крај на бркотниците со автобусите, со што директно ќе придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Скопје Инфо:  Оние кои повремено го користат градскиот превоз, имаат можност да платат во автобус со мобилен телефон или пак да си купат билет. До кога ќе можат граѓаните да купуваат хартиени билети во автобусите и колку чини плаќањето карта преку мобилен телефон?

И.Јанушев: Хартиените билети купени кај возачот, ќе останат во продажба заклучно со 31 декември 2016 година, што значи дека граѓаните, после овој датум, во возилата ќе можат да купат само неперсонализирани електронски картички, на кои ќе има впишано одреден број на гратис возења. Кога станува збор за електронското плаќање со мобилен телефон, по цена од 40 денари.

Скопје Инфо:  Тура низ Скопје, панорамско разгледување, фотосесии, моминска вечер, роденден за деца, снимање реклами е тренд што го развива ЈСП, со новите двокатни автобуси.Колку се заинтересирани граѓаните за изнајмување на автобус за организирање забави или едукативни прошетки низ градот?

И. Јанушев: Искрено, позитивно сум изненаден од побарувачката на граѓаните за изнајмување на двокатните и панорамските автобуси за лични и колективни прослави. Заинересираноста е голема, бидејќи ваквиот начин на прослави е новост во нашиот град, а секако и примамливи се со достапноста на цените и професионализмот на нашите возачи.

Скопје Инфо:  На иницијатива на граѓанското движење "На точак", се обврзавте да направите анализа на техничката можност за монтирање држачи на автобусите за комбиниран превоз, односно патниците да се возат со јавниот превоз до каде што го има, а понатаму да можат да продолжат со велосипед. Дали може да се спроведе оваа иницијатива и доколку постои техничка можност  на кои автобуски линии би се монтирале држачите?

И. Јанушев: Во последниот период беше тестирана техничката можност за поставување на држачите за велосипеди. Истите, најпрво ќе бидат поставени на три возила, кои што ќе сообраќаат на линијата со број 25 или поточно линијата што сообраќа на релација Транспортен Центар – Милениумски Крст. Во фаза на изработка е упатството за користење на држачите, како за возачите, така и за велосипедистите.Користењето на истите би било бесплатно и би се одвивало на принципот first come, first served.

Информацијата за автобуски линии со држачи за велосипеди би се вметнала во сите мапи и планери на патувања, со што би очекувале ваквата идеја да наиде на широка поддршка од сите институции и пошироката јавност.

Како крајна фаза би се спровела кампања со цел промовирање на зелениот превоз и меѓусебното комбинирање.

Скопје Инфо: Организирате отворени денови за граѓаните, кои се најчестите поплаки и барања на скопјани?

И. Јанушев: Прашањата и барањата на граѓаните се од секаков тип. Од аспект на гужви во автобусите, барања за нови линии, продолжување на линии, случки во автобуси итн. Сите доставени прашања и барања од страна на граѓаните, соодветно ги разгледуваме и во најголем дел позитивно одговарамена истите.

Скопје Инфо: Можете ли во кратки црти да ни опишете што можат да очекуваат граѓаните од поставувањето на лифтот на Милениумскиот Крст и кога официјално ќе биде пуштен во употреба?

И. Јанушев: Лифтот е веќе поставен и во овој момент се уредува партерниот дел на Милениумскиот крст. Нашите очекувања беа истиот да биде пуштен во употреба во текот на 2016 година, меѓутоа заради времеските неприлики, истото не се случи. Нашите очекувања се во текот на првата половина на 2017 година, оваа туристичка атракција и официјално да се стави во употреба.

Скопје Инфо:  Што да очекуваме од јавното сообраќајно претпријатие наредната година?

И. Јанушев: ЈСП СКОПЈЕ планира со реализација на неколку нови проекти, кои би биле објавени во почетокот на 2017 година. Тие би се базирале на подобрувањето на квалитетот на јавниот превоз, за поголемо задоволство на нашите корисници.