Интерактивни работилници за животната средина во градинка во Аеродром

Децата од градинката „Срничка“, објект „Чекорче“, летните денови ги минуваат низ игра и забава заедно со студентите од најголемата студентска организација во светот, АИСЕК, соопшти Општина Аеродром.

Во текот на шест недели, почнувајќи од 20 јули до 31  август, практикантите преку интерактивни сесии и работилници ќе го подигаат нивото на образование на децата од 4 до 10-годишна возраст и ќе ја шират свеста меѓу нив во врска со прашањата за животната средина. Темите што почнаа да се реализираат се однесуваат на  рециклирањето, заштита на шумите, климатските промени, вода, енергија и др.

Целта на проектот „Грин ап!“ е да се поттикнат младите да преземат иницијатива за заштита на природните ресурси за идните генерации, да се едуцираат за еколошката култура и да се мотивираат да бидат поактивни за изнаоѓање решенија за еколошки прашања, кои влијаат на нивната животна околина.

Стекнатите знаења и искуства од проектот децата ќе ги промовираат на јавен настан, театарска претстава, која ќе се одржи при крајот на август.