ИНСПЕКЦИЈА ЗА ДОМУВАЊЕ: Наместо фактури, се издаваат уплатници

Надлежните релевантни институции да ги заострат мерките при одземање на лиценците на управителите со станбени згради. Да се регулира постоењето на подружниците, бидејќи лиценцираните управители регистрирани со седиште во еден град немаат подружници кога го шират својот бизнис во друг град, па станарите и други фирми нема каде да им се обратат. Освен постојната на локално ниво, да се иницира формирање на посебна инспекција за домување на државно ниво, за која надлежен ќе биде Инспекцискиот совет. 


Ова на прес-конференција го побараа од Групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор при Стопанската комора на Македонија. Тие ги упатија овие барања со цел да се елиминира сивата економија која се појавува при управувањето со станбените згради. Во Групацијата тврдат дека имаат информации дека на пазарот функционираат лиценцирани управители кои се' уште на издаваат фактури за своето работење, туку уплатници и тоа за неколку месеци однапред, што е спротивно на законот, а од друга страна граѓаните не знаат колку од нивните пари и за што се потрошени. Кај одредени лиценцирани управители не се дефинирани ставките во резервниот фонд, а други, пак, со дел од парите од фондот, а што се наменети исклучиво за инвестициски активности, плаќаат за тековно одржување, што е, исто така незаконски. Во полугодишниот извештај од Регулаторната комисија за домување било нотирано и тоа дека имало управители кои продолжиле да работат и кога им била одземена лиценцата за работа. 

„Проблеми настануваат и при преземање на зградите од еден од друг управител, кога претходниот треба да ја предаде комплетната документација, поради што се случува да се оставаат цели станбени згради со огромни долгови, а средствата од резервниот фонд да се потрошени. Сите овие проблеми се доставени до Регулаторната комисија за домување, а ќе бидат доставени и до надлежното Министерство за транспорт и врски, со надеж дека нивното решавање ќе обезбеди фер услови на пазарот, а со цел да се задоволат потребите на граѓаните“, рече Даниела Михајловска-Василева, од Стопанската комора на Македонија.

Васе Самараков, претседател на Групацијата на управители, рече дека според последниот извештај на Регулаторната комисија за домување, од вкупно 47 правни лица, активни се 36 регистрирани во 11 градови, а во кои се вработени 360 лица, а индиректно, преку договори за услуги се обезбедува работа и во делокругот на управувањето, како лица за одржување на хигиената, занаетчиски работи и слично. 

„Во таа насока сакаме да потенцираме дека учеството на овие правни субјекти во домашната економија не е за занемарување, ако се има предвид неколкукратниот бенефит. Нови вработувања, редовно плаќање на давачките кон државата, намалување на сивата економија од аспект на евиденција на вработувања за одржување на хигиената по влезовите, хаусмајсторските работи. Вкупно 5.473 станбени згради се управувани од управители, но реално постојат проблеми со кои се соочуваат во тековното работење од аспект на непочитување на законите“, објасни Самараков.

Зоран Димитриевски, лиценциран управител од Куманово, како пример кажа дека пред 1,5 година неговата фирма го презела управувањето на една станбена зграда, а се уште не ја добиле комплетната документација од претходниот управител. Сега, поради поведениот судски спор станарите имаат заробени средства од резервниот фонд и не можат да инвестираат во нов покрив. 

За да не дојде до вакви евазии, велат од Групацијата на управители, потребно е навремено утужување и на управителите и на станарите кои не си ги намируваат давачките, но и поголема контрола на државно ниво.
 

cheap nike free run 5.0