Индија далеку зад нас, Скопје си руши рекорди на загаденост во светски рамки, а надлежните во зимски сон!

Минато е веќе првото место за најзагаден град во европа, од вчера сме најзагадениот град во свет. Да повториме, најзагаден град во свет!!!

Алармот за опасност од енормно високата загаденост во Скопје единствено е вклучен на социјалните мрежи, твитер и фејсбук, а надлежните смируваат дека ќе превземат мерки, а “ќе“ е идно време и тоа време веројатно сеуште не дошло. Не знаеме какви информации за загаденоста во воздухот добиваат надлежните институции во Македонија, но да се биде најзагаден град во европа, а веќе и број еден во свет, алармот за тревога треба одамна да е вклучен и да се работи за промена на состојбата на воздухот, но промена за намалување на загаденост, не промена во зголемување на ПМ10 честичките.

 Зад себе ги оставивме градовите во Индија, Бангладеш, Пакистан, Нигерија и уште многу други. Расте бројот на пациенти на клиниката за пулмологија, а пулмолозите советуваат да не се излегува надвор без причина. Жителите на Скопје се жалат на константни главоболки, печење на очите и носот.

Загрижените родители се организираат на фејсбук мрежата и најавуваат дека нема да ги пуштат своите деца на училиште во знак на револт од загадувањето. Сепак, градоначалникот Петре Шилегов смета дека иницијативата е политички мотивирана со цел да се дискредитираат локалната и централната власт во борбата против загадувањето. Но, како што велеат револтираните граѓани, очигледно е дека новиот градоначалник заборавил што ветувал во текот на кампањата за локалните избори. Тој вети решавање на проблемот со загадувањето и дека тоа ќе биде прва обврска на градоначалникот, но од тоа досега немаме видено ниту една посериозна мерка, а најчести се советите кои се упатуваат.

-Изборната кампања ја тераа со ветување за решавање со проблемот со загадувањето, но откако дојдоа на власт ниту еден градоначалник во Скопје не превзема сериозна мерка и затоа денес сме најзагаден град во европа и светот. Застрачувачки е тоа. Постојано слушаме обвинувања за претходната политичка гарнитура, како се работи на некои нови концепти за јавен превоз, но ниту еднаш не слушнавме сериозна мерка со која ќе имаме намалување на загадувањето. Треба некој да му каже на градоначалникот дека обвинувањата и празните ветувања не носат подобрувања, само проблемот овој пат е сериозен бидејќи се работи за нашето здравје, револтирано истакна Зоран.