Инцидент кај Бит Пазар: Поголема група предизвикала вистински хаос во автобус на ЈСП

Вистински хаос се случил вечерва во автобус на ЈСП со број 50 во близина на скопски Бит Пазар, информираат од МВР.  Поголема група на луѓе најпрво предизвикала тепачка, потоа го презела управувањето со автобусот по што направиле сообраќајна незгода.

Според полицијата околу 21,00 час. пријавено е дека на бул.Крсте Мисирков на постојката кај 26-ти Јули во автобус на ЈСП бр. 50 од страна на повеќе лица бил нарушен јавниот ред и мир и притоа биле нападнати и патниците кои биле внатре во автобусот.

Нарушувањето започнало на горниот кат од автобусот каде што настанала тепачка, која потоа продолжила и на долниот кат од автобусот. Едно од лицата учесник во тепачката го фатил воланот на шоферот и предизвикал сообраќајка односно автобусот удрил во приватен автобус бр.20. Откако биле отворени вратите од автобусот, лицата продолжиле со тепачката на самата постојка, но по пристигнувањето на полициските службеници лицата се разбегале во различни правци.

Повредени се три лица кои со возила на итна медицинска помош се префрлени во Ургентен центар. За сега е приведено едно лице Р. Б. и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сите учесници во насилството, се вели во соопштението.