Илинденски марш: Коњаниците синоќа пристигнаа во Велес

Во центарот на Велес кај кружниот тек на споменикот на Коњаникот посветен на велешките војводи Илинденци, синоќа на коњи и со знамиња во рацете пристигнаа учесниците на 39 Илинденски марш.

Заедно со претставници на Општина Велес тие најпрво положија цвеќе на споменикот на Коњаникот и се поклонија на велешките војводи Илинденци: Јован Наумов – Алабакот, Александар Димов -Докурчев и Тодор Христов – Офицерчето и воедно на сите учесници во Илинденското востание.

На учесниците во Илинденскиот марш добредојде им посака Петре Саздов, претставникот на градоначалникот и на Општина Велес кој на учесниците им го предаде и знамето на Општина Велес и  им порача на 2 август да го развиорот на Мечкин Камен кај  Крушево.

– Гледајќи ве вака посветени и со голем ентузијазам како сето ова го правите, не може човек,  а да не констатира дека за кратко време успеавте да ја оживеете историјата. Во 1903 година нашите војводи од Велес со своите чети  беа меѓу првите кои отидоа во Крушево и беа меѓу првите учесници кои го започнаа Илинденското востание и учествуваа во ослободувањето на Крушево и формирањето на Крушевската Република, рече Саздов.

Благодарност до градоначалникот,Општина Велес и граѓаните на Велес за топлото добредојде им заблагодари  Панде Стефановски од организациониот одбор.

– Задоволни сме од пречекот на граѓаните на Велес. Тргнавме од Лисиче, Скопско, а досега поминавме во Катланово, кај велешкото езеро „Младост“ и сега стигнавме во Велес. Утре  продолжуваме за Теово, Богомила а потоа и кон Ропотово, Кривогаштани се’ до Крушево. Воедно ќе ни се приклучи и Коњаница со 12 учесници од Маврово-Крива Река и 15 учесници  на Коњаница од Кичево-Демир Хисар, информира Стефановски.

Фото: Репубилика