IKEA, LIDL, H&M..Зошто нè заобиколуваат меѓународните брендови?

Македонија е речиси на последното место во регионот според присуството на меѓународни брендови. Единствено е пред Косово и Албанија. Додека компаниите како IKEA, LIDL, H&M, C&A се шират во соседните земји, засега нема најави за влез и кај нас, пишува Денар.

Малиот пазар, ограничената куповна моќ, но и заглавените евроинтеграции се главните причини за ваквата состојба, коментираат познавачите. Според нив ваквата состојба нема да се промени на кус рок.

„Македонија не е интересна за големите синџири – премногу сме мали и сиромашни за да се најдеме на нивната мапа. Искуствата на оние кои се веќе присутни не се многу позитивни. Тие едвај имаат по една до две продавници, и тоа исклучиво во Скопје. За да се промени ваквата состојба неопходен е пораст на животниот стандард што ќе значи и пораст и на личната потрошувачка. Дури тогаш ќе станеме примамливи за брендовите од светски ранг“ објаснува Христина Бојковска, консултант за брендирање.

Сопствениците на мали бутици, пак, велат дека носење на бренд е огромна инвестиција – неопходно е исполнување на строги стандарди што чини многу, а често треба да се платат и астрономски суми за самата франшиза.

Официјални изјави не сакаат да дадат најверојатно бидејќи и кај дел од нив може да се најдат токму ваквите брендирани парчиња, но по повисоки цени отколку во оригиналниот синџир.

„Мене супер ми оди и вака. Инвестицијата би била околу еден милион евра само за почеток, а приходите се ограничени и би биле многу помали во споредба со поразвиените држави“, објаснува сопственик на бутик кој продава текстил со етикети од H&M, но дури и Armani и Versace.

Сепак, состојбата полека се менува – пред пет години дојде групацијата Inditex со своите Zara, Bershka, Pull&bear, Massimo Duti и Stradivarius, но засега остануваат само во City mall. Во центарот на Скопје се уште ги нема иако во сите метрополи имаат свои продавници и на prime локација во пешачките зони.

Дел од медиумите веќе шпекулираа со можно влегување на нови марки. Според овие написи H&M, С&А и Deichmann треба да дојдат во Македонија во наредните три години, а рестораните за брза храна KFC и побрзо.

Во меѓувреме Burger King ја шири својата мрежа низ земјава, но McDonalds се повлече и засега нема најави дека ќе се врати. Македонија е една од само неколку држави кои не се дел од најголемиот fast food синџир.

Од друга страна по три годишно функционирање синџирот на маркети Carrefour се повлече од Македонија, а зад себе остави и долгови кон добавувачите. Засега нема најава за влез на некој од големите европски и регионални играчи кои би им конкурирале на Ramstore, Tinex, Vero.