IKEA, LIDL, H&M..Зошто нè заобиколуваат меѓународните брендови?

IKEA, LIDL, H&M, C&A – светски брендови кои се шират во регионот, но засега нè заобиколуваат. Во Србија, Бугарија и Грција имаат и по неколку продавници во повеќе градови, но не и во Македонија. Причина – мал пазар со ограничена куповна моќ, како и стагнациите во евроинтеграциите; коментираат сопствениците на мали бутици, пишува Денар.

Официјални изјави не сакаат да дадат најверојатно бидејќи и кај дел од нив може да се најдат токму ваквите брендирани парчиња, но по повисоки цени отколку во оригиналниот синџир.

„Носење на бренд бара голема инвестиција, околу еден милион евра само за почеток, а приходите се ограничени и би биле многу помали во споредба со поразвиените држави“ објаснува сопственик на бутик кој продава текстил со етикети од H&M, но дури и Armani и Versace.

Дел од медиумите веќе шпекулираа со можно влегување на нови марки. Според овие написи H&M, С&А и Deichmann треба да дојдат во Македонија во наредните три години, а рестораните за брза храна KFC и побрзо.

Во меѓувреме Burger King ја шири својата мрежа низ земјава, но McDonalds се повлече и засега нема најави дека ќе се врати. Македонија е една од само неколку држави кои не се дел од најголемиот fast food синџир.

Сепак, состојбата полека се менува – пред четири години дојде групацијата Inditex со своите Zara, Bershka, Pull&bear, Massimo Duti и Stradivarius, но засега остануваат само во City mall. Во центарот на Скопје се уште ги нема иако во сите метрополи имаат свои продавници и на prime локација во пешачките зони.

Од друга страна по три годишно функционирање синџирот на маркети Carrefour се повлече од Македонија, а зад себе остави и долгови кон добавувачите. Засега нема најава за влез на некој од големите европски и регионални играчи кои би им конкурирале на Ramstore, Tinex, Vero…