ИЈЗ: Регистрирани 202 заболени од грип

Изминатата недела заклучно со 15 април во државава се регистрирани 202 заболени од грип, што е за 28,6 отсто намалување во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 283 заболени, се наведува во извештајот што на својата веб страница го обајви Институтот за јавно здравје.

Во текот на изминатата недела, не се регистрирани смртни случаи асоцирани со грип. Бројот на пријавени лица изминатата недела е поголем за 47,4 отсто споредено со истиот период минатата сезона.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 17 материјали за тестирање на грип, од кои два (11,8 отсто) позитивни за присуство на вирусот на грип A (H3).

Изминатата недела најголем број заболени лица (141) се пријавени во најголемата возрасната група од 15 до 64 години, додека највисока инциденца од 13,8 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години. Пријавени се заболени лица од 18 извештајни единици. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар (39), а највисока инциденца од 38,4 на 100.000 е регистрирана на територијата на Подрачната единица Неготино.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 21.142, а регистрирани се 28 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од пет до 86 години.