Интервјуа
28. December 2015 - 10:39

Игор Јанушев: Попусти, удобно возење и нови искуства за патниците во 2016 година

На неколку месеци по именувањето за прв човек на скопското јавно сообраќајно претпријатие, денес граѓаните се сведоци на низа новини и подобрувања во јавниот превоз во Скопје. За проектите кои што се реализираат во овој момент, но и за плановите за годината која што следи во годишно интервју разговараме со Игор Јанушев, директор на ЈСП Скопје:

Скопје Инфо: Од воздухопловство ја презедовте функцијата директор на ЈСП, како се снајдовте во новата улога?

Секоја трансформација во кариерата носи нови интересни моменти и секако нов предизвик. Полека се навикнував во работата, но потоа кога подобро се запознавате и со вработените и со состојбите во претпријатието, работите полека стануваат појасни. Сепак мислам дека многу добро се вклопив во работите, така што во овој момент, после 11 месеци како директор на претпријатието, можам слободно да кажам дека сите зацртани проекти од моја страна, а и од предходните директори кои имаа започнато дел од проектите, успешно ги реализираме. Морам да кажам дека во претпријатието има стручни и искусни кадри, што реално без нив, не би можел да ги остварувам зацртаните цели. Се надевам дека следната 2016 година сите заедно ќе се гордееме со успесите.

Скопје Инфо:  Од наредната година се очекуваат да влезат во функција новите електронски билети, какви бенефити ќе ги имаат граѓаните од новите билети?

Кога започнавме со финалната реализација на проектите со електронската наплата и автоматското следење на возилата, целата јавност беше конфузна со многу прашања околу функционалноста на системот, како и со начинот на нивното користење. Од почетокот на август 2015 година, за прв пат ги пуштивме во употреба персонализираните картички, кај возрасната категорија на граѓани, па потоа кај студентите и средношколците. Во овој тест период, кој ќе трае до крајот на 2015 година, голем дел од нашите корисници се запознаа со системот на функционирање на системот. Покрај тоа, нашите чести известувања и соопштенија, интервјуата и брифинзите за медиумите, секако дека ја доближуваат целата ситуација до граѓаните.

Како што информиравме во последниот период, во почетокот на 2016 година започнува официјално во употреба новиот систем на електронско плаќање во автобусите. Самиот по себе, овој проект претставува голем напредок во јавниот превоз, пред се мислам на намалувањето на турканиците при влез во автобусите, валидирањето на картичките за помалку од 1 секунда, точноста на возилата, подобра информираност на граѓаните итн.

Втората работа што мора да се спомне овде е секако новиот Интегриран Тарифен Систем, кој официјално стапува во сила од 1 јануари 2016 година. Со него се унифицира цената за едно возење, се намалуваат цените за месечните и годишните билети, како и воведувањето на нови временски билети, како што се дневниот, седмичниот, тримесечниот и шестмесечниот билет. За овие билети, вклучувајќи го и годишниот, нивната важност нема да биде до завршувањето на седмицата, месецот или годината (во зависност за каков билет станува збор), туку напротив, временскиот интервал ќе се пресметува од моментот на купувањето односно користењето на самиот билет на картичката.

Исто така што мора да се напомене дека почнувајќи од 1 јануари 2016 година и официјално влегуваат во сила бесплатните студентски билети за редовните студенти од државните универзитети.

Со овие промени во јавниот превоз, секако дека со гордост можеме да кажеме дека Скопје наликува на останатите европски метрополи.

Скопје Инфо: Ќе има неколку видови на билети, можете ли подетално да ни објасните за какви станува збор?

Освен постоечките билети ЈСП СКОПЈЕ воведува и нови времени билети:

Дневен билет – овој билет е функционален во текот на еден ден без ограничувања, седмичен билет – овој билет е функционален една седмица, сметајќи од моментот на внесување во картичката, тримесечен билет – овој билет е функционален три месеци, сметајќи од моментот на внесување во картичката и шестмесечен билет – овој билет е функционален три месеци, сметајќи од моментот на внесување

Секако, покрај новите билети, во употреба остануваат и постоечките билети, како што се: Билет за едно возење, Билет за 10 возења – овој билет се ограничува на 15 денови од моментот на внесување во картичката, Месечен билет и Годишен билет.

Скопје Инфо:  Дисплеите на кои ќе се информираат граѓаните за пристигнување на автобусите веќе се поставуваат на автобуските стојалишта, каде се ќе бидат тие поставени?

ЈСП СКОПЈЕ располага со 50 дисплеи кои ќе бидат распоредени на различни места низ градот. На самите дисплеи, граѓаните моментално можат да се информираат за колку време ќе пристигне автобусот којшто го чекаат, додека на местата каде што нема вакви дислеи, со праќање на порака на бројот 144 999, со текст „бројот на постојката“ исто така ќе можат да добијат информција за автобусот што го очекуваат да дојде.

Скопје Инфо:  Дел од граѓаните се жалат дека на некои линии автобусите се многу ретки и во неделите ги нема, ќе им излезете ли во пресрет на укажувањата на патниците на ЈСП?

ЈСП СКОПЈЕ е компанија кој во најголемиот дел од барањата на граѓаните им излегува во пресрет. Едно од таквите барања беше со барањата на жителите од Драчево, за воведување на линија до Клиничкиот Центар. Со воведувањето на линијата 41-а, го олеснуваме движењето и ги задоволуваме потребите на жителите од оваа населба, без преседнување, побрзо да стигнат до оваа дестинација. Меѓутоа, од друга страна, заради неактуелноста на линиите т.е. линии во којшто не се возат доволен број на патници, тотално е неисплатливо за воведување на нови линии или евентуално пуштање во оптек на повеќе возила на таа линија. Како претпријатие, сме се труделе, се трудиме и ќе се трудиме и во иднина, што повеќе предлози од граѓаните, да бидат прифатени од наша страна.

Скопје Инфо:  Жичарницата предизвикува голема заинтересираност кај скопјани, ќе се остварат ли најавите за нејзино продолжување?

Овој проект е под покровителство на Владата на Република Македонија, така што за поконкретни информации можеме да ве посочиме до Министерството за транспорт и врски.

Скопје Инфо:  Кои проекти според вас ја одбележаа 2015 година?

Како први проекти, кои почнаа во употреба, мора да се спомнат Системот за електронска наплата и Системот за автоматско следење на возилата

Доуредувањето на Милениумскиот Крст, кој треба да биде финално завршен во првиот квартал на 2016

Поставувањето на урбана опрема – повеќе од 50 автобуски постојки, кој исто така треба да биде завршен во 2016

Панорамското тркало со придружни мостови и објекти, на кој активно се работеше во 2015, а истото ќе се случува и во наредните години, се до неговото финализирање.

Скопје Инфо:  Што да очекуваме од јавното сообраќајно претпријатие во нoвата година?

Како што напоменав во текстот, на граѓаните во следната година ќе им овозможиме големи попусти, удобно возење со климатизираните автобуси, нови искуства и доживувања со жичарата на Водно и секако од моја и од страна на претпријатието им посакуваме среќна и бериќетна година исполнета со многу здравје и љубов.