Иако платата е 400 до 500 евра, а и државата обезбедува дополнителни субвенции, никој не сака да биде овчар во Македонија

„Учи за да не бидеш овчар“ - оваа максима што уште се провлекува низ генерациите во Македонија е една од причините за намалувањето на добиточниот фонд.

Според сточарите, иако платата е 400 до 500 евра, а и државата обезбедува дополнителни субвенции, никој не сака да биде овчар. Заинтересираност за оваа работа, посебно кај младите, речиси не постои. Доколку некој и се нафати да биде овчар или говедар, ќе поработи некое време и потоа си оди. Ги остава на цедило, сами да се грижат околу добитокот.

Експертите, пак, предупредуваат дека дефицитот на овчари и говедари не само што придонесува за намалување на сточниот фонд, туку индиректно го загрозува и производството на традиционална храна

Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традицоналното одгледување на животни. Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу бизниси кои опстојуваат во оваа дејност.

- Нема овчари ниту за 500 евра плата. Никој не сака да седи во планина. Бараме помош во Албанија, но и оттаму доаѓаат постари лица, нагласува Ивица на чија фарма моментално работат осум овчари, од кои половината од Албанија. 

Ситуацијата може да се подобри ако се поработи на инфраструктурата по планинските пасишта, кои, предочуваат експертите, како да се отсечени од цивилизацијата. Ретко каде има струја, а и селата се запустени. Мора да се спроведе и обука за овчари.