И во Пеќ запалено знамето на Македонија со скандирања „Али предавник“

Вкупната казна од 736 години затвор и 7 казни доживотен затвор, кои вчера Кривичниот суд им ги одреди на обвинетите за настаните во кумановската Дива населба во мај 2015 година во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили, предизвика реакции кај граѓаните и семејствата на затворениците.

Во градот Гнилане (Gjilan), навивачката група „Соколи“ вчера го запали македонското знаме во знак на револт против оваа одлука.

Истото е направено и од страна на неколку граѓани на Пеќ, кои излегле во знак на протест за да се спротистават на оваа одлука, за која тие сметаат дека е неправедна, додека траеше емисијата “Дебата Д Плус” со Ермал Пандури на ТВ Дукаѓини.

Протестот беше организиран од страна на неколку граѓани во соработка со членови на семејството Велдет Зекај – Валит, кој е осуден на доживотен затвор.

Неговата ќерка, Мелиса Зекај изјави дека како семејство премногу тешко ја дочекале одлуката за доживотна казна затвор на нејзиниот татко.

-Премногу тешко ја дочекавме оваа драстична одлука. Знам дека не направил ништо лошо со неговите акции, изјавила Мелиса.

Таа рече дека излегле во знак на револт против оваа неправедна одлука.

Само за потсетување, на 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.