Може. Се сеќавам.

А се сеќавам и како беше кога јас бев дете, па го гледав бракот околу мене. Оној на моите родители. Се сеќавам дека тогаш знаев дека тоа е нешто идеално, дека тоа баш така треба. Секогаш, дури и денес кога знам дека тоа не е баш така, си приспомнувам на приказната која мајка ми еднаш ми ја кажа. Таа и татко ми, како млад брачен пар, разговарале за тоа кој има повеќе пријатели. И двајцата мислеле дека имаат повеќе. Тогаш одлучиле да направат список со своите најдобри и вистински пријатели. На крај, мајка ми го напишала само татковото име, а и тој го напишал само нејзиното. Тогаш знаев дека и во брак може човек да живее убаво.

И денес верувам во тоа. Нема врска тоа што не го положив тој испит. Верувам дека бракот не е страшило. Иако постојано читам и слушам само страшни работи за него. Всушност, кога малку подобро ќе размислам, во последно време ми зборуваат само некакви неуспешни приказни за бракот.

И тогаш се вртам околу себе. Се загледувам во сите тие парови кои ги познавам и сретнувам. Па и не е баш така. Постојат и луѓе на кои им е пријатно да бидат во брак. Оние кои не се чувствуваат лошо во таа улога. Оние кои не сметаат дека бракот е крај на нивното постоење и дека нема да ги промени од корен. И оние кои не го дела туѓото лошо искуство.

Да, замислете, знам и за луѓе, жени и мажи, кои го сакаат својот брак. Луѓе за кои бракот е нивната мирна лулка, засолниште, удобен кауч на кој гледаат филм со пуканки и едноставно лежат, некогаш молчат, некогаш се бакнуваат. Луѓе кои го живеат тој „досаден“ живот со полни гради. И баш така им е најубаво.

Познавам луѓе кои се сакаат и кои и после три и повеќе децении заедно, сѐ уште се шетаат држејќи се за рака и се расправаат кога треба да се расправаат. Знам дека постојат луѓе кои и во бракот и после толку време се најдобри другари. Знам луѓе и кои и понатаму сакаат да патуваат заедно, да одат заедно на концерти, на театар, кои не се срамат да покажат чувства. Знам дека има многумина такви меѓу нас, кои ќе си заминат од овој свет држејќи се за раце...

Кога бракот стана мрак, па постојано читам и слушам за него дека е таков? Кога бракот стана синоним за сѐ лошо што може да те снајде? И зошто? Зошто стана нормално да мислиме дека тоа е заедница која нѐ спречува во нешто, дека ни одзема нешто од животот и дека нѐ става во окови? Зошто, кога ние сме тие кои треба да ја уредуваме таа заедница, а не некои начела и особено не другите луѓе и околностите? Зошто е тоа така, кога воопшто не е точно дека бракот е нечиј крај, туку е почеток на нешто ново, а не значи дека тоа е лошо, полошо од претходно или осудено на пропаст...

Баш ми жал кога ќе видам како се однесуваме кон бракот. И така и ги учиме и другите да размислуваат. Младите луѓе слушаат како бракот е нешто злобно и ужасно и засекогаш остануваат со тоа мислење. А не е така. И во брак може убаво да се живее.

Верувам и знам.