И Шпанците се среќни што ќе играат против Македонија

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалез, во недела за првпат ќе има дуел против неговата земја, бидејќи “црвено – жолтите” ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Шпанија.

– Ќе ми биде чудно в недела против мојата Шпанија. Од друга страна сум среќен што одиме во втората фаза со три пренесени бода. За нас тоа ќе биде еден вид финале. Сега ќе се одмориме, па подготвени да настапиме на тој натпревар. Очекувам интересен меч. И Шпанците се среќни што ќе играат со нас. Ми се јавија многу шпански новинари кои се интересираат за нашата селекција – истакна Гонзалез и додаде:

– Тешко е да го задржиме ритамот, ама кога имаш мотив, испадна подобро отколку што мислевме. Паузата од три-четири дена добро ќе ни дојде. Не очекувам голем психолошки притисок без оглед што сме први во новата група. Ќе треба да си ја играме нашата игра – рече Гонзалес.