И покрај пандемијата никако не научивме да се грижиме за околината

Во период кога се бориме со опасниот коронавирус, со потребата да го издигнеме нивото на колективните хигиенски навики, секако не би требало уште да се занимаваме со прашањето како и кога треба да се фрла ѓубрето, односно дека тоа не треба да се најде покрај контејнерите, туку внатре во нив. Секако, за да се прави тоа, тие мора и редовно да се празнат. Новите контејнери на многу едноставен и хигиенски начин ни го овозможуваат фрлањето на ѓубрето без да допираме со рацете. Само со едно притискање на ножната рачка, капакот ќе се подигне и без да се допира садот за смет, ѓубрето може да се фрли во него. На социјалните мрежи деновиве осамнаа фотографии на кои се гледаат преполни контејнери со ѓубре, кое се прелева преку нив, а направени се во скопската населба Ново Лисиче. За жал, вакви слики има и по други населби низ градов. Лавина најразлични коментари следуваа под фотографиите од Ново Лисиче, од констатацијата дека ова не е првпат и дека не е толку вина на комуналците туку повеќе одраз на некултурата на граѓаните, непроменета и сега кога се справуваме со коронавирусот.

Некои од граѓаните бараат казни за оние што не внимаваат на хигиената на јавните простори, за оние што ја загадуваат животната средина. Има и такви што утредента откако поминале на истата локација на која претходниот ден беа објавени фотографиите направиле нови, на кои се гледаат празни контејнери и исчистена локација околу нив. Дури има и коментари во кои граѓани тврдат дека Аеродром никогаш не бил почист и дека во вакво време не треба да се шират вакви вести, туку дека треба сите да внимаваат на хигиената и дека дневно од општината Аеродром се подигаат над 60 тони смет.

Вработените од ЈП „Комунална хигиена“ со сите свои човечки капацитети и ресурси веќе некое време ги дезинфицираат контејнерите и локациите на кои се поставени. На граѓаните останува само да дадат свој придонес кон нивните напори, ѓубрето уредно спакувано во најлонски вреќи или ќеси да го фрлаат во контејнерите, во временскиот интервал означен на етикетите поставени на садовите за отпад, притоа почитувајќи го воведениот полициски час, односно забраната за движење по 21 часот. Комуналците, пак, и натаму да се грижат таму каде што е потребно со соодветна динамика да се подига ѓубрето и да не се дозволи да има преполни контејнери.