И „Паркинзи на Центар“ ќе блокира непрописно паркирани

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) ќе набави 35 блокатори за тркала, таканаречени паркинг-клешти. Веќе е распишан оглас за нивна набавка по пат на електронска аукција според кој проценетата вредност е 350.000 денари, што значи дека еден блокатор би чинел 10.000 денари.

Kако што велат од ПОЦ, ова ќе биде прва набавка на ваква опрема за претпријатието бидејќи последните измени во законските прописи што се однесуваат на дејноста што ја вршат дозволуваат поставување блокатори на непрописно паркирани возила.

Блокаторите ќе се поставуваат на непрописно паркираните возила што се наоѓаат на места до кои специјалното возило-пајак нема пристап, односно во катната гаража „Судска палата“ и во монтажните гаражи во Kапиштец и Буњаковец.

Kако што објаснуваат, овластен вработен на „Паркинзи на Општина Центар“ ќе постави блокатор на возилото, ако тоа е паркирано на место што не е наменето за паркирање, приватен паркинг-простор со кој управува организаторот на паркирањето, паркинг-простор на монтажна гаража, катна гаража или на јавно паркиралиште од затворен тип без да биде платено. Блокатор ќе биде наместен на тркалото и ако корисникот има паркинг-услуга во гаража или паркиралиште врз основа на договор, а услугата ја користи спротивно од договорот. Или ако се задржи по истекот на работното време на гаражата, ако е паркиран на необележано место, на место наменето за лица со инвалидитет или на место наменето за електрични и хибридни возила.