И оваа сезона епидемиолозите очекуваат свински грип

И оваа сезона во Македонија ќе циркулира свински грип. Во лабораторијата во Институтот за јавно здравје  потврден е вирус од типот АХ1Н1, додека низ Европа годинава доминантен е друг поттип на вирус.

- Во текот на 50-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 8 материјали за грип. Од тестираните материјали, еден е позитивен за присуство на вирусот на инфлуенца A(H1N1)pdm. Од почетокот на сезоната 2017/2018, ова е првиот позитивен резултат, се вели во неделниот извештај на ИЈЗ.

Иако минатата година токму овој период беше пикот на грипот, претходната недела регистрирани се само 92 случаи што е за речиси 10 пати помалку од лани.

Но, од друга страна поради променливото време матичните лекари деновиве бележат зголемен број на пацинети со настинка.

- Деновиве имаме зголемен број на граѓани со настинки, се жалат на болки во грлото, секреција во носот, главоболка, кашлање, изјави д-р Христина Лескароска, матичен лекар.

Иако засега доминираат настинките, во втората половина од јануари епидемиолозите очекуваат зголемен број на болни од грип.