И најскромниот дочек на Нова година ќе „голтне“ една плата!

Нема место за сомнеж дека оваа година убаво ќе се потрошиме за празниците што доаѓаат.

Трговците почнаа да тријат раце, а граѓаните да ги прават математиките како да потрошат помалку. Се ближат убави празници, но исто така и убави вонредни трошоци.

За прославата на Нова година и Божиќ, како и обично, секој ќе си ги пружи нозете повеќе од чергата, дури и ако ја смисли најскромната варијанта. Ако се додаде и Свети Никола, славата што овој месец ја слават најголемиот дел од православните жители на државата, на декемвриските трошења им нема крај.

Само две недели не делат од најлудата ноќ, а во маркетите, месарниците и зелените пазари се уште нема редици, што не значи дека наскоро нема да има. Каде и да ја слави Нова година, ретко кој ќе се откаже од тоа на домашната трпеза да го стави вообичаеното скромно мени: малку мевце, сарма, па руска салатичка, кифлички, нешто за пиење, торта, колачи... Оние кои ќе решат да слават сами дома, за ова ќе мора да одвојат неколку илјадарки. Тие пак, кои ќе одат во ресторан или кафуле, ќе мораат да се простат барем од уште толку пари за свечената тоалета и за прославата. Некои ќе заминат надвор од земјата, да го почувствуваат новогодишниот амбиент во светските метрополи и за тоа ќе им бидат малку неколку просечни македонски плати.