И на Свети Трифун по 19 часот нема да може да се купи вино

Љубителите на вино и пиво се веќе нестрпливи, тие едвај чекаат да се укине ограничувањето за купување на алкохол по 19 часот.

Иако Владата уште во декември лани донесе одлука да се укине забраната за продажба на алкохол по 19 часот во зимскиот период и по 21 часот во летниот период, таа сеуште не е ставена на дневен ред во Собранието.

Како што Вечер дознава, измените на Законот за трговија се готови, тие се објавени во единствениот електронски регистар на прописи ЕНЕР, а од денеска во следните 20 дена ќе биде достапно за коментари од бизнис секторот и други заинтересирани лица. Потоа ќе може да бидат одобрени од страна на пратениците, така реално може да се очекува да стапи во сила од март годинава.

Оваа владина одлука беше донесена на барање на Стопанските комори во Македонија и бизнис заедницата, која исто така заради рентабилност во работењето побара да се укинат и лиценците кои трговците мора да ги поседуваат за да продаваат алкохол.

Бизнис заедницата овие барања ги темелат врз праксата која покажа дека ограничувањата на продажбата на алкохолни пијалаци имаат негативно влијание, како врз деловните субјекти кои се занимаваат со производство на алкохолни пијалаци така и на деловните субјекти кои вршат продажба на мало и големо на овие производи.

Што се однесува пак за лиценцата, тие сметаат дека треба да се намали сумата која трговецот треба да ја плати за да добие лиценца, поточно да не се пресметува врз основа на целиот промет на продажниот објект, туку само на прометот со алкохолни пијалаци.

Министерството за економија ги изготви измените на Законот за трговија со кои ќе се укине ограничувањето за продажба на алкохол по 19 часот во зимскиот период, односно по 21 часот во лето. Со измените исто така е предвидено и да се овозможи продажба и во кисоци со поседување лиценца, бидејќи со актуелниот закон во киосците има забрана за продажба на алкохол.

– Предлог-законот се очекува да влезе во владина процедура по 20 дена – велат од Министерството за економија и дополнуваат дека предложените измени во Законот за трговија ќе бидат во функција на укинување на ограничувањата во Законот кои беа воведени во 2008 година, а кои се однесуваат на ограничувањето на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало, но не и намалување на цената за добивање на лиценца.