И денес протест пред ДИК! Возачи, одбегнувајте го тој дел од градот!

И денеска продолжува протестот на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ пред зградата на „Нова Македонија“ во која е сместено седиштето на Државната изборна комисија. 

Протестот кој започна доцна синоќа, кога поголема група на незадоволни граѓани се собра и го блокираше булеварот „Св.Кирил и Методиј“ продолжува и денес. За сега нема информации за колкава група се работи и не е извесно дали булеварот е целосно блокиран или само во насоката кон кружниот тек пред католичката катедрала. Синоќа неколку илајади граѓани застанаа на протест поради како што велат, обидот на ДИК да ги поништи изборите, на кои нивната партија озвојувала победа. 

Се очекува протестот да потрае во текот на целото попладне, додека ДИК не се произнесе со конечен заклучок за приговорите поднесени од две политички партии, поврзани со минатонеделните избори. На возачите им се сугерира да го одбегнуваат овој дел од градот поради можното настанување на големи гужви и колони. Според она што се случуваше синоќа, блокиран беше булеварот „Св.Кирил и Методиј“ на потегот од семафорите кај Цветен пазар до семафорите кај Информативниот центар на ЕУ.