И Аквадуктот чекаше датум, а дочека уривачи

Аквадуктот вчера бил жртва на бездушни рушители. Прекрасниот историски објект е навикнат на тоа. Дали треба да се навикне и јавноста?

Со години тешко оштетуваниот и непоправан скопскиот Аквадукт деновиве бил повторно и дополнително оштетен од се уште непознати сторители. Дури десет потпорни носечки столбови кои се клучни за негова стабилност биле сериозно оштетени. За ова е информирана и полицијата.

Досега, најголемите оштетувања се направени токму на нoсечките столбови од кои исчезнаа многу камења од кои беа соѕидани. Некому му требаат камењата, а нема страв да отиде да си ги турне и земе, оти знае дека овој еден од највредните културно-историски споменици во градот, e оставен сосема незаштитен.

За жал, се чини дека надлежните, на Аквадуктот, се потсетуваат само откако ќе биде нанесена штетата или кога таму ќе се насоберат толкави купишта ѓубре што и аквадукт не може да се види. Тогаш набрзина се организираат акции за чистење. Досега ги имаше неколку, а на една од нив, во февруари 2018-та година, државните, градските и општинските бутелски власти најавија дека прво ќе се направи конзервација, а потоа и ревставрација на импознатниот објект. Најавија дури и дека ќе биде направена соодветна инфраструктура, дека ќе има и летна сцена со 600 до 1.000 седишта…

Но, потоа, Аквадуктот пак остана незашитетен, чекајки го датумот… ама датум за почнување на конзервацијата нема.

СкопскоЕхо