Хуманоста на дело: Млечен ресторан во Драчево нуди топол појадок за оние што не можат да си го дозволат

Сè повеќе ресторани се одзиваат и решаваат да им помогнат на луѓето кои не можат да си дозволат ниту еден оброк во текот на денот.

На фејсбук-страницата на неформалната граѓанска иницијатива  „Ретвитни оброк“, кои секој петок подготвуваат топол оброк за оние што не можат да си го дозволат, (бездомници и социјално загрозени лица), а во сабота, во 13:30 часот го делат кај спомен-домот на Мајка Тереза, може да се видат позитивни примери и нивни поддржувачи кои им се придружуваат во обезбедување на оброци за оние што немаат што да јадат.

Така, млечниот ресторан „Антонио“ во Драчево одлучи да им подаде рака, односно да подари топол појадок на оние кои не можат да си дозволат.

-Инспирирани од новогодишните и божиќните празници и најубавиот период од годината, добивме желба да помогнеме на оние на кои им е најпотребно. Појадокот е најважниот оброк во денот, нашето мото е: „Појадок за секој! Затоа, Ве повикуваме да ги упатите во нашиот млечен ресторан сите луѓе кои се без дом, без финансиски средства и социјално загрозени семејства на бесплатен појадок. Со задоволство би помогнале на секој еден кој не може да си дозволи топол оброк во овие студени денови – велат од млечниот ресторан „Антонио“.

Од овој млечен ресторан канат на појадок секое утро до 12 часот.

Бесплатен топол оброк, како што веќе пишувавме можат да добијат децата без родители, социјални случаи, бездомни лица и сите останати кои не можат да си дозволат оброк во „Урбан бургер бар“ на улица „Рузвелтова“ од 9 до 16 часот.