Хуманитарна забава за скопската Зоолошка градина во клубот Сектор 909

Вo летниот ноќен клуб „Сектор 909“ во среда на 21 јуни по две години пауза, повторно ќе ги отвори вратите за својата публика. Оваа ноќна забава традиционално ќе има хуманитарен карактер, како и претходните отворања на летниот клуб.

Имено, собраните средства од хуманитарната забава ќе бидат наменети за скопската Зоолошка градина. Пред 5 години, клубот Сектор 909 на Зоолошката градина ѝ го донираше пони коњчето Флекица, дресирано за помош и релаксација на деца со аутизам, кое исто така можат да го јаваат сите деца кои ќе посакаат. Веќе следната година клубот успеа да собере средства и да донира комплетна опрема за децата да можат да уживаат заедно со Флекица.

Ова е трето отворањето на летниот клуб, кој се наоѓа на старата локација, под скопското Кале. За потребите на Сектор 909 изграден е за првпат изолационен ѕид за акустична заштита, извршени се посебни мерења за децибелажа и специјална звучна бариера, со други зборови од полноќната музика ќе бидат заштитени сите засегнати од непосредната околина.

На хуманитарната забава, чиј влез чини 150 денари ќе настапат препознатливи македонски артисти како Гоце САФ, Соња Исмаил, Дарко Марковски и Кантон 6 (Мирко Попов и Синиша Евтимов).

Веќе в четрток закажана е забава со диџеј Чваре и „Nonaduzz“. В петок ќе настапат Маци и Узун Баба, а веќе в сабота ќе настапи и првиот гостин од странство за оваа летна сезона, Такаси Накајима/Дифрент ворлд од Јапонија, со локална поддршка од Самоил Радински од Логос рекордс. Јапонецот Такаси Накајима, кој со музичка продукција и диџејство се занимава уште од 1994 година, ги има едни од најпрефинетите и најразлични колекции на музика во Јапонија, пуштајќи музика од техно, хаус, даб до хип-хоп, фанк, соул, џез или која било црнечка музика.

Сектор 909 ветува одлична забава во летните полноќни часови оваа сезона, но над сè вонредно квалитетен звук и светло, кое досега не се запаметени во историјата на скопскиот ноќен живот.

Хуманоста на дело, подигнувањето на свеста на македонската публика за поддршката на Зоолошката градина во моментов е неопходна и многу важна, затоа ајде да го направиме ова лето незаборавно.