Хрватски Индекс за Сергеј Самсоненко: Во Србија го одбиле, во Русија го чекаат како спасител: тој е творец на македонски спорт

Хрватскиот портал Индекс во денешното издание пренесува цел текст посветен на Сергеј Самсоненко - рускиот бизнисмен и милионер несебично инвестира во спортското семејство Вардар, па токму затоа е почитуван во Македонија.

Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен и милионер несебично инвестира во спортското семејство Вардар, па токму затоа е почитуван во Македонија. Но, не е само тука, туку почит доаѓа и во регионот затоа што престижниот хрватски портал „Индекс“ направи приказна за сопственикот на „црвено-црното“ семејство и го посочи како главен виновник за големиот бум на вардаровите колективи кој го зафати нашиот спорт во 2017 година.

„Во Србија го одбија, во Русија го чекаат како спасител: Тој е творецот на македонското спортско чудо“, гласи насловот на хрватскиот медиум, кој му се восхитува на Русинот кој е прв човек на Вардар.

Во текстот се раскажува како машкиот ракометен тим направи сензација и ја освои Лигата на шампионите, како жените настапуваа во финалето, но загубија неправедно, додека повод за истиот дефинитивно е фудбалскиот клуб Вардар кој конечно успеа да мине едно квалификациско коло во ЛШ, откако го елиминира големиот Малме. Воедно, во текстот на „Индекс“ се вклучени и изјавите на стратегот Лино Червар, кој ги фали проектите на Самсоненко за Македонија и македонскиот ракомет.

2017 година е дефинитивно година на Вардар, а доколку фудбалерите успеат да го минат Копенхаген во наредното коло тоа ќе биде круна на се, затоа што евентуален пласман во наредната фаза од квалификациите на ЛШ дава можност доколку Вардар доживее елиминација - да игра директно во групната фаза на Лига Европа и да стане првиот клуб од нашата земја во едно европско фудбалско натпреварување.

„Во изминатите години Вардар како симбол на Македонија доминира во спортот, а клучна личност на ренесансата е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој најпрво ги зема машкиот и женскиот ракометен клуб, а од 2014 година го има во сопственост и фудбалскиот. Сопственикот на ланецот обложувалници „Бет Сити“ стана сопственик на ФК Вардар за само 81.000 евра. Во договорот се обврза дека годишно ќе вложува 1,5 милиони евра, што и прави сега, а неговите вложувања се исплатат, како во ракометот, така и во фудбалот“, пишуваат од „Индекс“.

Хрватските новинари откриваат и интересна приказна, во која се вели дека Самсоненко бил одбиен да инвестира во Србија, па решил да замине за Македонија и со својата моќ да направи спортско чудо. Пред да пристигне во Скопје, Самсоненко сакал да инвестира во српскиот ракомет, поточно во женскиот ракометен клуб Врњачка бања, но бил „избркан“, па решил да ја бара среќата на југот.

„Во 2013 година Самсоненко стана сопственик на ракометните клубови Вардар и со тоа го почна походот на македонското спортско царство. Со неговата финансиска моќ изградена е грандиозната сала „Јане Сандански“, во која има и спа-центар, базени, болница и хотел со четири ѕвезди. Но, малку недостасуваше руските инвестиции никогаш да не завршат во Македонија. Не е тајна дека богатиот Русин пред да пристигне во Скопје сакаше да ивнестира во српскиот ракомет. Самсоненко му фрли око на женскиот ракометен клуб Врњачка Бања, но од таму за експресно време беше протеран“, пишува „Индекс“.

Доказ за моќта на Самсоненко е и крикот за спас од страна на Русија, која веќе го активира бизнисменот во свои „редови“. Сопственикот на Вардар влезе како спонзор и во фудбалскиот великан ЦСКА Москва, а пред неколку дена стана дел и од машката ракометна репрезентација каде доби улога на генерален менаџер и координатор.

Фудбалскиот клуб Вардар под водство на Самсоненко како сопственик доминира во мак-фудбалот, но едиствен „комплекс“ останува Купот на Македонија, каде рускиот милионер уште се нема радувано на трофеј.

Ракометните колективи, пак, доминираат во секој сегмент, а единствената загубена титула во македонското првенство е во сезоната 2013/14, кога Металург направи сензација и успеа во „Автокоманда“ да го украде шампионскиот пехар од црвено-црниот џин.

Судејќи по досегашните резултати, од „Индекс“ велат дека Самсоненко дефинитивно знае што прави. А во тоа се уверил дури и еден од најдобрите светски ракометари Никола Карабатиќ.