Хорор, авантура, трилер - април полн со филмски хитови во македонските кина

Хоророт “Тивко место”, кинескиот филм “Легенда за конкубината”, “Патување: Тотален хаос” со Двејн Џонсон во главната улога, блок бастерот “Одмаздници: војна на бесконечноста” и анимираната комедија ” Шерлок Гномс”… се само дел од бројните филмови кои љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да ги видат во текот на април во македонските кина.

Репертоарот започнува на 5. април со хоророт “Тивко место” во режија на Џон Красински. Филмот зборува за едно семејство кое живее изолирано во постојана тишина, стравувајќи од непозната закана што ги прати и напаѓа на било каков звук… Во овој американски трилер игра и Џон Красински, како и Емили Блунт. Истиот ден е и премиерата на анимираната комедија “Шерлок Гномс” во режија на Џон Стивенсон. Во филмот градинарските џуџиња, Гномео и Јулија, го ангажираат детективот Шерлок Гномс за да го открие исчезнувањето на останатите градинарски џуџиња…

Веќе на 12 април на репертоарот се два нови филма. Едниот е кинеската драма “Легенда за конкубината” во режија на Каиге Чен, филм со елементи на фантазија и мистерија. Јапонскиот будистички монах Кукаи е пратен во династијата Танг во Кина како би ја изучувал кинеската култура и цивилизација. Одненадеж, во градот се случуваат чудни работи, смрт на конкубината Јанг, која се поврзува со демонската мачка која го тероризира градот. Монахот се здружува со поет за да ја истражат нејзината смрт. Вториот филм е авантурата “Подивување: Тотален хаос” во режија на Бред Пејтон Дејвис и со Двејн Џонсон во главна улога. Приматологот Дејвис Окој има цврста, непоколеблива врска со Џорџ, неверојатно интелигентна горила за која се грижи од неговото раѓање. Но, откога еден експеримент ќе тргне во погрешна насока, го преобразува овој нежен мајмун во бесчувствително чудовиште…

И на 19 април ќе можат да се проследат премиерно два филма, хоророт “Случај во земјата на духови” и авантурата “Такси 5”. Хоророт ја раскажува приказната за една мајка и нејзините две ќерки кои наследуваат дом од нивната тетка, додека францускиот “Такси 5” зборува за полицаецот кој што е префрлен во полициската станица во Марсеј, и има задача да ја фати бандата италијанци кои возат моќни Ферари автомобили заедно со постарата внука на Даниел, возачот на легендарното бело такси…

Марвеловиот филм “Одмаздници: Војна на бесконечноста” е фантастично филмско остварување кое е креирано во текот на десет години, а го опфаќа целиот Марвелов универзум. На платното ни ја носат финалната и најсмртоносна пресметка на сите времиња.Публиката ќе може премиерно да го види на 26 април. Истиот ден ќе биде прикажана и американската акциона драма “Последната желба” со Брус Вилис во главна улога. Тој го игра д-р. Пол Керси искусен хирург посветен на спасување туѓи животи. По нападот на неговото семејство, Пол решава сам да ја изнесе правдата на виделина… Третото остварување кое на 26. април ќе може да се види е и украинскиот анимиран филм “Украдената принцеза”, прекрасна приказна која се случува во ерата на храбри витези, убави принцези и борби со волшебници, наменета за сите возрасти.