„Хероите живеат вечно“ - четири години од крвавиот викенд во Диво Насеље

И по четири години од крвавиот викенд во Диво Насеље, кога во престрелка со терористичка група загинаа осум припадници на полицијата, а 37 беа ранети, во јавноста сè уште има бројни дилеми и неодговорени прашања  за мотивите и за нарачателите на овој „терористички чин“, како што беше квалификуван од страна на надлежните институции. Оружената престрелка меѓу терористичката група и полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското Диво Насеље рано изутрината ги разбудија рафали кои продолжија во наредните 48 часа, држејќи ја под опсада населбата.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои претседателот Ѓорге Иванов посмртно ги одликува со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на земјава. Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група. Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 10 членови на групата, а се предале 28.
Како водачи на групата се посочуваат Мухамед Красниќи – командант Малишева, Мирсад Ндрецај (командант Нато), Сами Укшини – командант Соколи и други. Истата група беше посочена и дека претходно го извршила нападот на караулата Гошинце. Полицијата го осуетила нивниот план за напади на државни и на цивилни цели.

За настаните во Диво Насеље во февруари 2016 година почна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица кои се товарат за сторени дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по четири години, судскиот процес сè уште не е окончан.