Хаосот во Управата за водење на матичните книги продолжува

Хаосот во Управата за водење на матичните книги продолжува и по изборот на Бујар Дарлишта за в.д. директор. Иако Владата го именуваше на седницата во вторникот, тој се уште не седнал во директоркста фотелја, затоа што не му е потпишано решението.

Од Министерството за правда, во чии рамки е Матично, велат дека се свесни за проблемите со кои работи оваа служба и очекуваат најдоцна денеска Дарлишта да го добие решението.

– Очекуваме решението да се потпише најдоцна до понеделник и да почнат да се средуваат работите во Управата за водење на матичните книги, велат од ресорното Министерство.

Матично нема директор од почеткот на јануари, кога Ѓоко Котевски по четири месеци директорување замина за прв човек на затворот во Шутка. Поради тоа што два месеца немаше директор или в.д. директор, кои се единствени овластени за потпишување на документи, налози, набавки и слично. 500 вработени во Управата останаа без плата, а со тоа и без мотив добро да си ја вршат работата. Како што информираат вработени во службата, по изборот на в.д. директор, наместо да се среди, хаосот уште повеќе се зголемил, затоа се изневерени нивните очекувања дека конечно ќе ја примат јануарската плата, а наскоро и февруарската, која стасува за исплата кон средината на месецов.

Се помалку има и обрасци за печатење на изводите од матичните книги на родени, умрени и венчани, зашто новата набавка може да ја потпише само директор или в.д. директор. Граѓаните велат дека сега извод добиваат како на лотарија – на среќа и информираат дека на шалтерите мораат да дојдат по неколку пати зашто службениците ги враќаат со образложение дека во моментот немаат обрасци. На оние посреќните им ги земаат документите, но на изводите наместо 24 часа, како до пред Нова година, тие сега чекаат по најмалку 10 дена. Затоа, редиците на шалтерите секоја ден се се поголеми.

Проблемите со издавањето на изводите закочија голем број оставински, судски и извршни постапки, а нови не можат ни да почнат. На директорски потпис чекаат и барањата за ангажирање матичар за регистрација надвор од салите за венчавки.

Инаку, Дарлишта е кадар на владиниот коалиционен партнер ДУИ. Покрај него, на седницата во вторникот Владата именуваше уште 26 раководители на јавни служби предложени од истата партија. Според информации од Министерството за правда, ниту еден од тие директори, в.д директори, заменици и слично се уште нема решение за стапување на должност.