Губењето родител - болка која ни го менува животот

Сѐ започнува со тоа кога ќе добиеш повик дека твојот родител е во болница. Се трудиш да не мислиш на најлошото, но твојот ум постојано те толчи и ти кажува дека крајот е блиску. Можеби никогаш не си се молел или пак си верувал во Бог, но во тој момент се молиш, ги кажуваш сите најтивки и најгласни молитви и си ветуваш дека ќе бидеш поинаков – дека ќе ги сакаш повеќе, дека ќе бидеш посмирен и пољубезен.

Додека успеваш да ги собереш мислите и да го сопреш плачот, обидувајќи се да се натераш себеси да мислиш на најдоброто, крајот сепак доаѓа.

Личноста која би го дала животот за тебе, но која ти беше целиот живот (а можеби не знаеше) веќе ја нема. Ја нема нивната насмевка, гласно зборување, прекорување за ненаместениот кревет или неизмиените садови.

Размислуваме дека ја губиме личноста која нѐ научила да возиме велосипед. Личноста која секое утро ни подготвуваше појадок. Личноста која го местеше нашиот кревет наутро и нѐ бакнуваше за добра ноќ. Тие кои  нѐ научија да сакаме некои работи  кои ќе ги сакаме цел живот или кои која нѐ научија да пееме и танцуваме. Личноста која е дел од нашиот живот од самиот почеток и заради која постоиме на овој свет.

Доаѓаат луѓе кои кажуваат различни зборови кои не ги разбираш, посакуваш само да се стишат за да можеш да ги стишиш мислите во главата. А, потоа кога ќе надојде тишината, таа највеќе убива.

Со време, учиш да живееш без таа личност и поминуваат денови, месеци и години. Веќе не се сеќаваш исто толку на нивното гласно смеење, но точно паметиш некои зборови кои ќе ги паметиш засекогаш.

И, само знаеш – тоа искуство ти го менува животот.