Греењето на дрва една од најголемите причини за загадувањето - две третини од населението во Македонија се грее на дрва

Домаќинствата и греењето на дрвата е една од најголемата причина за загадување на воздухот, а податоците покажуваат дека речиси две третини од населението во Македонија, односно 62 отсто, се грее или готви на дрва.

Овој процент е драстично поголем во руралните средини, каде дрва употребуваат и до 90 отсто од домаќинствата, за разлика од урбаните каде дрвото како енергент се користи во половина од домаќинствата. Еден дел од македонските домаќинства комбинираат греење на струја и дрво, а централно греење имаат само 10 отсто од домаќинства, сите во Скопје.

Во извештајот за зелен раст на Светската банка се нотира дека растечкиот тренд на употреба на огревното дрво е меѓу причините за загадувањето на воздухот во Македонија да е едно од најголемите во Европа. Емисиите на јаглерод диоксид и на цврстите честички, кои, меѓу другото, се создаваат и поради начинота греење на домовите, ја рангираат нашата држава на петто место во Европа според смртноста од загаден воздух, констатираат аналитичарите на Светска банка.

Македонските граѓани и во 21 век, кога решаваат на што да се греат, приоритет му даваат на дрвото, се посочуваат високите цени и лошиот квалитет на снабдувањето со централно греење, скапата струја и недоволно развиената мрежа за гас.