Грција ќе го плаќа сместувањето на туристите ако се разболат од вирусот

Грција ќе им плаќа сместување на туристите кои ќе бидат позитивни на коронавирус во текот на престојот во оваа земја, изјави портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас.

Ќе бидат сместени во хотел, на државен трошок. Ова сме го правеле во минатото и ќе продолжиме и понатаму – додаде тој пред новинарите.

Пецас објасни дека Грција ќе им плаќа сместување и на оние кои пристигнале во таа земја и мораат да останат во карантин, откако се затворени границите.

Илјадници луѓе минаа низ процесот на карантин -, нагласи тој и потсети дека тестови на COVID-19 се прават на меѓународниот аеродром во Атина, а посетителите остануваат една ноќ во хотел додека не стигнат резултатите од тестирањето.

Во зависност од резултатите туристите може да останат во седумдневен карантин или под строг надзор 14 дена, ако се позитивни.

Ќе продолжиме со таа пракса, но со една разлика. Очекуваме да има помал број случаи, се надеваме дека нема ни да ги има бидејќи епидемиолошките циклуси се движат надоле. Нашата цел е да обезбедиме максимална безбедност за локалните жители и за туристите – вели тој.

Пецас не појасни дали Грција, покрај сместувањето, ќе плаќа храна и лекови за туристите позитивни на COVID-19.