Грчката полиција блокираше околу 200 мигранти на пат кон Македонија

Грчката полиција во текот на вчерашниот ден спречила околу 200 мигранти и баратели на азил да го напуштат Солун и да се упатат кон границата со Македонија во надеж дека ќе отпатуваат во земјите на ЕУ, пренесува Б92.

Според информациите, патот на мигрантите им бил блокиран и со полициски автобуси.

Мигрантите, меѓу кои имало лица од Сирија, Ирак и Сомалија, во средата се собрале во Солун, а многумина изјавиле дека на настанот се појавиле поради повик објавен на социјалните мрежи, за марш кон грчко-македонската граница во знак на протест поради неможноста да влезат во други европски земји.

-Немам причина да се останам тука. Овде сум веќе шест месеци… Не можам да работам, не можам ништо, изјавил за американската агенција АП, Мохамед Ахмед, барател на азил од Сирија, пренесува Б92.

Мигрантите кои се собрале во Солун изјавиле дека намерата им е да преминат 70 километри пеш кон север, до пограничниот град Идомени, каде што имаше голем бегалски камп кој беше отстранет минатата година, откако балканските земји ја затворија популарната бегалска рута за транзитирање кон ЕУ.

Со тоа, повеќе од 60.000 мигранти кои пристигна во Грција останаа заглавени во земјата, а некои земји од регионот дополнително ги обезбедија своите граници за да спречат нелегален прилив на мигранти. Некои членки на ЕУ пак одбија да примат баратели на азил на своја територија, што е предвидено со планот на Европската Унија за распределба на бегалци, потсетува Б92.