Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство испратила барање до кандидатите за градоначалници на локалните избори 2017 за вклучување на специјализирани сервиси за жени и девојчиња жртви на различни форми на насилство во предизборните програми.

Како што соопштија денеска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство пакетот сервиси опфаќа засолниште/шaлтер центар, кризен центар, СОС линија, советувалишен центар за психо-социјална поддршка и бесплатна правна помош.

- Дополнително, кандидат(к)ите за градоначалници очекувано е да предвидат и пакет на социјални мерки за жени жртви на семејно насилство кои ќе го олеснат процесот на осамостојување и економско јакнење на жените кои ќе одлучат да ја напуштат насилната средина, велат од Мрежата.

Оттаму потсетуваат дека на 25 ноември 2016 година, лидерите на 17 политички партии ја потпишаа Заедничката Декларација за спречување и борба против насилство врз жените.

- Со потпишувањето тие се обврзаа да ја ратификуваат Истанбулската конвенција доколку бидат избрани во новиот состав на Парламентот и да обезбедат финансиски средства за специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство. Процесот за ратификација на Конвенцијата е веќе започнат и е очекувано да се случи до крајот на годинава. Таа предвидува вклучување на локалната самоуправа во обезбедување на заштита од сите форми на родово базирано насилство, како што веќе е дефинирано и во постоечкиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се вели во соопштението.

Во него се додава дека Македонија е земја со висока стапка на родово базирано насилство, вклучувајќи семејно насилство, што, како што велат од Нациналната мрежа, продолжува да бидe еден од водечките социјални проблеми во земјата кои пошироко од влијанието врз индивидуите, оставаат сериозни последици врз семејствата, заедниците и целокупното општество, но и резултираат со значајни економски и социјални трошоци за земјата.