Граѓанска иницијатива: “Шанса за Скопје” се бори за нова визија на градот

„Шанса за Скопје” се бори за нова визија на градот и враќање на достоинството на архитектурата и урбанистичкото планирање. Граѓанската иницијатива произлезе од поврзувањето на „Здравје пред профит“ со повеќе ентузијасти, граѓани, жители на Скопје, архитекти и урбанисти кои сакаат да го спречат натамошното девастирање на главниот град.

Иницијативата е поттикната од последните настани каде последното потенцијално парче земја во строгиот центар, паркингот спроти хотелот Холидеј Ин, се продаде на приватен инвеститор.

„Скопје веќе четврт век не се развива според потребите на жителите туку е жртва на урбано профитерство. Не се води сметка за инфраструктурата, бројот на жители, можноста за апсорпција на нови жители, квалитетен јавен простор. Притоа, страдаа не само скопјани како директни жртви на урбанистичкиот хаос и планирањето “по мерка” на инвеститорите, туку директно се понижија и архитектурата и урбанистичкото планирање како професии, кои се впрегнати да ги “прилагодуваат” стандардите според потребите на урбано-профитерската коалиција“, посочуваат од Шанса за Скопје.

Од Иницијативата укажуваат дека нивната визија за Скопје е место каде потребите на граѓаните, нивното право на чист воздух, квалитетен јавен превоз и достоинствено урбано живеење ќе бидат приоритет.

„Ќе се врши притисок врз локалните власти да најдат креативни решенија за одржливо финансирање на општините, затоа што сегашното од комунални такси, каде слободниот простор се раздава на приватни компании без да се води сметка за јавниот интерес, е неодржливо на долг рок и директно влијае врз влошување на квалитетот на животот на граѓаните“, велат од Иницијативата.

Прва цел, додаваат, ќе бида просторот спроти Холидеј Ин да се направи парк кој ќе биде наменет за граѓаните, но и ќе има функција и во борбата против загадувањето.