Граѓаните на Гази Баба и Илинден ќе добијат чиста вода

Градоначалникот Борис Георгиевски одржа работна средба со заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, и градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

На средбата градоначалниците го запознаа министерот со проблемите кои ги имаат двете општини околу системот за водоснабдување, каде беше договорено во идниот период општините заедно со министерството заеднички да работат на проекти за решавање на овој проблем.

Општина Гази Баба веќе има подготвени проекти за изведба на водоводна мрежа во населените места Раштак, за изведба на водоводот во долната зона со должина од 4 км, како и целосна обнова на мрежата во Булачани со должина од 1000 метри. За овој проект очекуваме и поддршка од страна на министерството за животна средина.
Општина Гази Баба веќе започна и со подготовка на техничка документација за изведба на водоводна мрежа и во населените места Страчинци и Брњарци.

На средбата се разговараше и за проблемот со чистењето и одржувањето на каналите. Општина Гази Баба заедно со општина Илинден ќе работи на изработка и заедничка апликација на проекти за регулирање на каналите, аплицирајќи за средства од странски фондови, но и со поддршка од министерството за животна средина.

Заменик министерот Макрадули на средбата најави дека подрачното училиште Наум Охридски во Раштак ќе биде реконструирано како еко-училиште од страна на Министерството за животна средина и Министерството за образование.