Графички роман за „Тур де Франс“ на првиот фестивал „Ѕирни“

Проекции на филмови, гостувања на режисери, концерти и изложба на филмски постери се на програмата на деветдневниот фестивал на филм и музика „Ѕирни“ кој се организира по повод една година од отворањето на „Котур кафе и филм“ – локација за културни настани во центарот на Скопје.

-Ќе ви претставиме што е она што го правевме оваа година и во кој правец сакаме да продолжиме да работиме. Ѕирни тука, блиску до тебе, не барај далеку. Квалитетот е универзален. Ѕирни, ќе ти се допадне, соопштија од „Котур“.

На првиот ден од фестивалот „Ѕирни“ вечер од 19.30 часот ќе биде промовиран графичкиот роман „Легендите на Тур де Франс“ од холандскиот автор Јан Клејне.

Романот, кој на македонски го објави „Бункер“ – единствената специјализирана продавница за стрипови во земјава, ја следи приказната на велосипедската трка Тур де Франс, еден од најголемите светски спортски настани, од нејзините почетоци во 1903 година –  односно 425 691 извозени километри, над 100 години традиција, големи тркачки легенди и скандали…

Јан Клејне (1977) е холандски стрип-автор од поновата генерација, а „Легендите на Тур де Франс“ е негов прв графички роман со кој постигна голем успех. Покрај оригиналната холандска верзија, преведен е и на англиски, француски, германски, шпански, кинески (мандарински), дански јазик и објавен во 15-ина земји. Угледните „Гардијан“ и „Криејтив блок“ го вброија меѓу најдобрите графички романи објавени во 2014 година. Македонското издание е прво во овој дел од Европа.

Програмата на фестивалот „Ѕирни“ продолжува утревечер од 20 часот со прикажување на филмот „Бикини Мун“ и разговор со режисерот Милчо Манчевски. Во наредните денови на „Ѕирни“ ќе биде прикажан и филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, како и „Исцелител“ и „Панкот не е мртов“ со разговори со нивните режисери – Ѓорче Ставревски и Владимир Блажевски. Ќе биде прикажан и американскиот филм „Blue Note: A Story of Modern Jazz“ од 2008 година, во  режија на Џулијан Бенедикт и Андреас Морел.

До 11 октомври, кога завршува фестивалот, ќе има и концерти на Франк Магнолија, Лепи Џони, Скопски грув, Арт Квартет, The Planktons, како и музички селекции на диџеи.