Градските власти се премислија - забраната за возила на Водно била поради сообраќајниот хаос, а не поради загадувањето

Градските власти се премислија – забраната за возила до Средно Водно не била поради загадениот воздух туку поради сообраќајниот хаос. Сега планираат да воведат плаќање на паркингот.

„Моментално се разгледуваат нови решенија со кои би се контролирало движењето на колите кон Водно и  во скоро време ќе имаме ново решение.

Водно е рекреативно место и забраната беше донесена како резултат на хаосот кој го правеа колите кои се паркираа таму“, се вели во известувањето на градските власти.

Забраната за возење до Водно се воведе кон крајот на минатата година, мерка за која Градоначалникот Петре Шилегов тврдеше дека ќе ја намали загаденоста во Скопје.

Инаку по воведување на забраната за движење на возила, континуирано реагираат сопствениците на комерцијални објекти кои се жалат дека нивните бизниси трпат огромни загуби.

Забраната за возење до Средно Водно важи во викендите а се применува од крајот на ноември.