Градските сообраќајници се прскаат со калциум магнезиум ацетат

Градот Скопје го продолжи третирањето на градските сообраќајници со Калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

Во изминатото деноноќие, повторно беа третирани со Калциум магнезиум ацетат булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков и тоа во два наврати, од 21 до 22 часот и од 05 до 06 часот.

Третирањето на градските сообраќајници со Калциум магнезиум ацетат ќе продолжи, а наскоро ќе се прошири и на други локации.

Градот Скопје ги информира граѓаните дека брзината на сообраќајниците каде што ќе се аплицира средството Калциум магнезиум ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има изработено сообраќаен проект.