Градските инспектори на терен: Изречени 4 казни за палење отпад

Вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ги најави итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и притоа главната мерка која ја спроведува е повторното воведување на бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници, а најави и позасилена контрола над субјектите коишто имаат Б интегрирани еколошки дозволи.

Надлежност на Град Скопје е да врши проверки што се гори и да санкционира физички и правни лица доколку горат недозволени суровини и отпад. Во текот на изминатиов месец екипите на Градот излегле на терен и при извршената контрола изрекле 4 казни за палење отпад, од кои 2 се изречени на физички лица, а 2 на правни лица.

Во рамките на мерката за огнови на отворено (193) Градот Скопје и превентивно дејствува со изрекување опомени за палење на отворено.

Инспекторите на Град Скопје моментално се излезени на терен и вршат вонредни и зачестени контроли, а последниот извештај вели дека засега нема казнети, бидејќи не констатирале отстапување од пропишаните услови.

Да потсетиме дека инспекциските служби на Град Скопје во текот на 2016 година извршиле по 2 контроли на сите 29 инсталации регистрирани во Скопје, односно вкупно 58 контроли во месеците ноември и декември, и по извршените контроли се констатирани неправилности кај 1 фирма на којашто и е изречена казна.

Во текот на 2017 година во истиот временски период (ноември-декември) надлежните инспекциски служби на Град Скопје, исто така, извршиле по 2 контроли на сите 31 инсталации во Скопје, односно вкупно 62 контроли и констатирале дека сите фирми ги задоволуваат законски пропишаните услови.

Градот Скопје во текот на 2017 година има одобрено 500 елаборати и извршено 94 контроли за периодот ноември-декември, односно се извршени контроли на сите фирми коишто имаат емисии во воздухот при производниот процесот и не се евидентирани неправилности при нивното работење.