Градскиот трговски центар e изграден на темелите на црква?

Денешниот Градски трговски центар и некогашната црква „Св. Константин и Елена“ на спонтан начин, засекогаш се споија во едно. Две легенди, од две времиња, секоја на свој начин, многу им значат на скопјани. Просторот каде што се наоѓаше црквата, стана дел од градбата на трговскиот центар.

Едното стана неразделно од другото. Некои од вработените во продавниците и институциите во трговскиот, честопати ме запираат и ми раскажуваат: „постојано доаѓаат повозрасни луѓе што се молат на скалите или на некои од местата во објектот, клекнуваат, палат свеќи“. Црквата оставила длабоки духовни траги, дури и по толку многу години. Таквите духовни траги се силни, неизбришливи. 

Но дали сѐ уште постојат некакви материјални траги, остатоци, делови од темелите, кои се затскриени и се уште сочувани? На таквата можност ме упатија некои од скопјаните што тврдеа дека остатоци постојат. Тоа ме поттикна да тргнам во истражување на фактите. Тоа не беше лесно бидејќи поминати се многу години од градењето на овој објект во центарот на градот. А мора да се тргне од неговото градење, бидејќи тогаш е расчистуван теренот. Затоа, ова е добра можност да се раскаже кога и како е граден Градскиот трговски центар, бидејќи тие факти се малку познати, веќе заборавени или воопшто непознати за помладите генерации.
Како при ретко кое градење на некој објект во Скопје, при неговото подигање вклучени се исклучително голем број институции и установи, стручни мислења од лица од разни сфери, урбанистичко-архитектонски, економски, градежни, трговски. 

Градењето на објектот е „снимено“ од многу агли и направени се истражувања. Првичната идеја се родила одамна, во првата половина на 1966 година, кога стручната служба на Заводот за станбено-комунално стопанисување повела иницијатива за изградба на нов деловен простор. Во средината на истата година, добиена е локацијата за објектот од страна на Заводот за урбанизам и архитектура на градот Скопје. На крајот на годината било донесено решение да се распише општ југословенски конкурс за изработка на идејно решение за Градскиот трговски центар. Постоел огромен интерес, пристигнале 23 елаборати од кои неколку биле наградени и откупени. Петмина од наградените автори биле повикани на повторен конкурс. Така е изработен идејниот и главен проект, со проектанти за разни инфраструктурни потреби на објектот. Проектанти на архитектонскиот дел биле дипл. инж. архитекти Тихомир Арсовски, Живко Гелевски, Лидија Маркова, Живко Поповски. 

Откако биле завршени сите главни проекти, изградбата на Градскиот трговски центар почнала на 11 октомври 1969 година. Истата година формиран е деловен одбор за управување со изградбата, а во 1971 година назначен е генерален директор. Во 1972 година завршен е централниот дел на ГТЦ, а во 1973 година трговскиот центар веќе нормално функционирал како комплекс.

Како што може да се види, сложеноста на проектот, барала и сложена организација и изведба. Бил вклучен и Архитектонско-градежниот факултет, потоа ФАКОМ, скопската железарница и др. 

За нашава тема битна е и улогата на „Бетон“, како и првите раскопувања на теренот, меѓу кои и последните остатоци од темелите на црквата „Св. Константин и Елена“. Тогаш се оформени подрумските, гаражните и просторите за паркинг и складишта за стоката во трговскиот центар. Таму и денес се открива еден чудесен свет од ходници и простории што не ги познаваме, заедно со многубројните инфраструктурни служби што го одржуваат целиот комплекс: диспечерите, механичарите, чуварите, гаражите, паркинг-службите. Со дозвола од управата на трговскиот центар и луѓето од службата за обезбедување и другите вработени, кои несебично ми помагаа и ме придружуваа, наеднаш почна да се открива нешто што навистина ме изненади. 

Се појавија живи сведоци и сведоштва од луѓето што во својата младост работеле на поставувањата на темелите на трговскиот и ги паметат првичните раскопувања на теренот. Некои од нив со кои разговарав и успеав да ги пронајдам, денес се пензионери, но и нивните помлади колеги што денес работат во трговскиот центар ми ја потврдија истата слика. Станувало збор за ѕид со специфична градба од камен и тула препознатлива за сакрална градба. Тој ѕид бил оставен во темелите на трговскиот. Нивниот претпоставен при тогашната работа постојано ги предупредувал дека е тоа свето место на кое треба да внимаваат. За време на паузите и при одморот палеле свеќи околу него. 

Помладите исто така се сеќаваат на тие остатоци, бидејќи ѕидот, пред десетина години, заради постојаната потреба од нови простории во подрумите, бил прекриен со плочки. Инаку, црквата „Св. Константин и Елена“ е осветена 1926 година и била култно место за скопјани сѐ до земјотресот од 1963 година. Се разбира, се јавија и спротивни мислења за местото и локацијата на тие остатоци, а тоа уште повеќе ги поттикнува истражувањата и фантазијата. Во овој случај, духовното и фактичкото се спојуваат во една целина, бидејќи и црквата и трговскиот веќе се легенди без кои не може да се замисли традицијата на Скопје.

Данило Коцевски / Нова Македонија