Градот Скопје вработува нови 1000 луѓе, ВМРО ДПМНЕ обвинува дека тие ќе работат за 3000 денари

Јавните претпријатија и 1.000 невработени лица ќе го чистат градот во рамките на акцијата на Град Скопје за големо чистење на сите општини во Скопје.

Во рок од 15 дена ќе се чистат сите 10 скопски општини, а покрај вработените во јавните претпријатија, преку Агенцијата за вработување ќе бидат ангажирани и невработени лица. Тие ќе добијат 6.139 денари, ќе имаат платен автобуски превоз и надоместок за ручек. Парите за чистење, околу 7 милиони денари, се пренаменети од ставката за трошоци за градската администрација.

Агенцијата за вработување испратила покани до 5.00о невработени лица за учество во акцијата, а досега прифатиле 350.

„Оваа голема акција за чистење и миење на градот ќе стане традиционална, односно секоја пролет и есен ќе организираме масовно чистење. Секоја општина со целата механизација на јавните претпријатија и ангажираните лица ќе се чисти во посебен ден. Кога ќе завршиме со општините, ќе преминеме на чистење на кејот на реката Вардар. Се надевам дека ќе почнеме после среда, кога има најави дека времето ќе се подобри. Ги повикувам да ни се приклучат граѓаните и сите општествено одговорни компании“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

На дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје е ангажирање 1.000 работници за плата од 6.139 денари, од кои 2.000 денари ќе треба да се потрошат за автобуски билет и за јадење. Нејасно е дали станува збор за фиктивни вработувања или за злоупотреба и ветени партиски вработувања, изјави вчера Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

„Спротивно на Деловникот се става точка на дневен ред, без никакво соодветно образложение за привремено месечно ангажирање 1.000 работници во јавните комунални претпријатија, претпоставуваме дека се мисли на ЈП ‘Комунална хигиена’. Притоа 8 милиони денари се префрлаат од ставката за градска администрација – други оперативни расходи, на буџетот на јавни комунални претпријатија, притоа ставката од која се земаат парите и ставката на која се префрлаат не постојат во буџетот на Град Скопје за 2017 година. Тоа укажува дека се ангажираат работници за кои нема доволно средства и притоа одлуката е набрзина составена со суштински пропусти, а тоа значи дека правно е неиздржана“, вели Колариќ.

Она што е поважно, додаде таа, самото ангажирање нови 1.000 времени работници отвора дилема дали тоа претставува начин за задоволување на партиските апетити со цел партиски да се ангажираат луѓе на кои СДС по изборите им се оддолжува.

„Висината на предвидениот хонорар ќе изнесува 6.139 денари, од овие пари 2.000 денари ќе треба да потрошат за автобуски билет и за јадење, тоа значи дека ќе добијат по 4.000 денари месечно, што секако е далеку од минимумот на 200 евра минимална плата, односно 500 евра просечна плата, за што СДС толку многу се залагаше и го ветуваше пред изборите. Кусо кажано, лажеа дека ќе има 500 евра просечна плата, а сега ангажираат 1.000 работници за реални и ниски четири илјади денари, што значи дека се работи или за фиктивни вработувања или за класична злоупотреба на работничкиот труд“, рече Колариќ.