Градот Скопје реагира: Изградбата на новиот кружен тек нема да ги затвори улиците и никој нема да остане без пристап до неговиот дом

Градот Скопје реагира на наводите на одредени жители на Килеса Вода, кои страхуваат дека ќе останат без пристап до нивните домови, во рамки на проектот за пробивање на булеварот Србија до улица Христо Татарчев, каде што ќе се изгради и кружна крстосница.

Сакаме да ја информираме јавноста дека изградбата на овој проект се одвива согласно со сите законски прописи и се испочитувани сите законски одредби, од проектирањето до изведбата.

Дополнително, Градот Скопје целосно ја отфрла шпекулацијата дека со реализацијата на овој проект, на одредени лица ќе им биде оневозможен пристап до нивните домови и навистина не знаеме од каде произлегуваат овие шпекулации.

Повторуваме, со реализацијата на овој проект нема да се затвораат улици и никој од граѓани нема да остане без пристап до неговиот дом.

Градот Скопје изминативе неколку години изгради 7 кружни крстосници, како и голем број булевари и инфраструктурни проекти, и досега не се случило со нивната изградба на кој било да му се оневозможи пристап до неговиот дом.

Апелираме до жителите на оваа локација да не веруваат во разните невистинити инфирмации коишто циркулираат во јавноста и за сите информации да се обратат до Градот Скопје и Општина Кисела Вода.

Градот Скопје и натаму ќе биде во контакт со жителите, изведувачите и Општина Кисела Вода за надминување на сите проблеми и недоразбирања околу овој проект.

Со овој проект Градот Скопје врши проширување и реконструкција на булеварот „Србија“ од кружниот тек кај Цементара до улицата „Христо Татарчев“, а на крајот од овој булевар ќе се изгради нов кружен тек меѓу бул. „Србија", ул. „Христо Татарчев" и ул. „Христо Татарчев крак 2".

Булеварот „Србија“ ќе се реконструира и проширува на потег со вкупна должина од 868 метри, каде што ќе се оформат 4 сообраќајни летни со ширина од 3,5 метри, додека целокупната должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација изнесува околу 1.400 метри. На крајот од новиот булевар ќе има и кружен тек, кој ќе се формира меѓу бул. „Србија“, ул. „Христо Татарчев“ и улицата „ Христо Татарчев крак 2", со дијаметар од 36 метри.